Мицкоски му врати на Ахмети: „Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат“

од Nikola Popovski

Вчера во Аеродром и Гази Баба ја повикав албанската опозиција на обединување против оваа власт и изразив јавна намера дека веднаш по изборите, уште првиот ден ќе остварам контакт со нив за заедничка соработка која ќе се темели на принципи околу кои ќе се обединиме, објави утрово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој додава дека поради тоа добил закани од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

-Уште истиот ден се јави Али Ахмети, нервозно одговарајќи, прозивајќи ме со навреди и доза на закани, но треба да знае дека неговите закани не само што не ме заплашуваат, туку и добро ме засмејуваат. Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но сепак со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции, и партиски прослави, објави Мицкоски на социјалните мрежи.

Носителот во ИЕ1 упати и неколку пораки до претседателот на ДУИ.

-Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат Соравија, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија. Ја разбирам нервозата и паниката бидејќи за прв пат сте прочитани и пред пораз. Доаѓа времето за одговори на многу прашања. Ова не е 2001ва, туку 2024та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат, истакна првиот човек на опозицијата.

Ахмети синоќа на митингот на „Европскиот фронт“ на плоштадот „Македонија“, дел од својот говор посвети на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој меѓу другото му порача „да не започнува беља и да ги бира зборовите“.

-Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља, кажал Ахмети.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на мораториум на нападите кон ЗНАМ и Левица, повикувајќи на национално македонско единство.

Слични содржини