Мицкоски: Потребен ни е 61 пратеник, Силјановска Давкова ќе биде новиот претседател

од Stefanija Kuzmanovska

Потребен ни е 61 пратеник во македонското Собрание за достојна просперитетна напредна Македонија која ќе биде мајка на сите граѓани без разлика на етничката припадност, рече вечерва претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на отворањето на Централниот изборен штаб во Куманово. Тој изрази убедување дека победник на претседателските избори ќе биде Гордана Силјановска Давкова, единствена која доставила кандидатура за претседател на јавниот оглас на партијата.

Според Мицкоски, периодот е значаен за државата, за граѓаните и важно е да се искористи, овој како што кажа, историски момент кој е одлучувачки за следните децении и векови. Борбата, како што рече, ќе се води се до 8 мај кога ќе има двојна победа.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ кажа дека нема трет пат и ги повика граѓаните да не веруваат на популисти.

Зборувајќи за 2021 кажа дека ВМРО-ДПМНЕ оствариле победа на локалните избори, првпат во историјата на државата од опозиција. Тој кажа дека и 44 пратеници не потклекнале и не дозволиле промена на устав под бугарски диктат. Дел од нив, кажа, ќе бидат „старо-нови титани“ кои ќе кажат „не“ за промената на Уставот под бугарски диктат.

За претседателскиот кандидат Гордана Силјановска – Давкова рече дека е идниот претседател на државата и ги повика сите да се обединат, за 61 пратеник за ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата.

„За помалку од 45 дена почнува кампањата. Денеска заврши јавниот повик со којшто ВМРО – ДПМНЕ излезе транспарентно со јасни услови за идниот претседател на Македонија. Зошто велам идниот затоа што вие ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата коишто ќе застанат на следните претседателски избори, сигурно е новиот претседател на Македонија, пристигна една кандидатура која ги исполнува условите, тоа е на кандидатурата на професорот Гордана Силјановска Давкова, идниот претседател на Македонија“, истакна Мицкоски.

Пред присутните кажа дека е убеден во победата, дека граѓаните сакаат достојна и просперитетна Македонија за сите нејзини граѓани и додаде дека во Куманово очекува победа на претстојните избори и на следните локални избори.

Слични содржини