Милевски: Не е во ред Буџетите на над половина од општините да се полнат со средства од централниот Буџет

од Берта Китинска

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски полага големи надежи во новата Програма за одржлив развој и децентрализација со која општините ќе добијат нови надлежности и повеќе финанасии. Другата страна на овој медал нема да биде подеднакво привлечен за единиците на локалната самоуправа бидеќи од нив ќе се бара поголема отчетност за начинот на кој ги трошат парите на граѓаните. „Сите ние подеднакво сме одговорни пред граѓаните, министри, градоначалници, членови на општински совети и наша обврска е да обезбедиме системски начин за следење на трошењето на јавните средства, без задскривање и изговори’’, вели Милевски во интервју за Локално.мк.

Во моментов не се предвидени санкции за одсуство на отчетност, но токму отчетноста е услов општините да можат да користат средствата од централниот буџет за капитални инвестиции, пари од Програмата за локални патишта од Светска Банка, средства за водоводи и канализации од Европската инвестициона банка…

Милески е категоричен дека мора да се стави крај на праксата на покривање на долговите на општините од страна на Владата.„Ако на детето му купуваш играчка секогаш кога ќе заплаче, тоа никогаш нема да престане да плаче’’, вели Милевски. Според него, веќе е неодржливо да се пренесуваат надлежности без пари и треба да се корегира системот на финансирање.

„Градоначалниците мора да покажат поголема одговорност во наплатата на локалните даноци и такси, зашто со популизам и со квази грижа за граѓаните, крајниот ефект е целосна негрижа’’, забележува министерот Милески. Како недозволив го посочува фактот дека буџетите на над половина од општините главно се полнат со средства од централниот Буџет, па во тој контекст ја поставува дилемата дали сите општини треба да имаат исти надлежности, како сега, или пак треба да почнат да се бараат нови решенија.

Центарот за економски анализи излезе со податоци за нивото на фискална транспарентност на општините во Македонија. Резултатите се далеку од розови бидејќи покажуваат недостаток или половични информации за трошењето на јавните средства.Дали ве изненадија?

Транспарентноста и отчетноста на локално ниво е еден од приоритетите и во новата Програма за одржлив развој и децентрализација 2021-2026. Предвидени се и конкретни активности во Акцискиот план кој што ќе биде усвоен од Владата многу брзо. Сега кога зборуваме за проширување на процесот на децентрализаија, пренесување на нови надлежности на општините, но и поголема финансиска самостојност, овозможување на општините да управуваат со поголеми финансиски ресурси, ова прашање станува се поактуелно. Паралелно со трансферот на надлежности и финансиски средства, ќе се инсистира и на поголема транспарентност и отчетност. Сите ние подеднакво сме одговорни пред граѓаните, министри, градоначалници, членови на општински совети и наша обврска е да обезбедиме системски начин за следење на трошењето на јавните средства, без задскривање и изговори. Парите од граѓаните им припаѓаат на грaѓаните и тие треба да ги имаат информациите, да бидат убедени дека нивните пари се трошат одговорно. Дали и колку општините се обврзани да му реферираат на

Министерството за локална самоуправа во однос на начинот на трошење на парите?

Министерството за локална самоуправа нема директна надлежност да го мониторира трошењето на средства од општинските буџети, тоа е надлежност на Министерството за финансии и на Државниот завод за ревизија. Министерството врши надзор само над трошењето на средствата што општините ги добиваат за проекти преку Програмата за рамномерен регионален развој и Центрите за развој на планските региони за обезбедување на некои функции.Но транспарентноста и отчетноста е приоритет во Владините политики и Владата со заклучокот од 20 декември минатата година, министерствата ги задолжи а на општините им препорача задолжително да ги објавуваат сите информации кои што таксативно се набројани во Законот за слободен пристап до информации. Нема санкции, но има услов-мора да се обезбеди целосна транспарентност и отчетност за да може да користат средства од централниот буџет наменети за капитални инвестиции, од пренамената на средствата на ТАВ со кои што ќе се финансираат проекти од јавен интерес, средства од Програмата за локални патишта од Светска Банка, средства за водоводи и канализации од Европската инвестициона банка, како и од Програмата за енергетска ефикасност.

Дали Законот предвидува санкции за одсуството на отчетност?

Прашањето за задолжително информирање за работата на органите на општината, советот и градоначалникот, како и за услугите што ги обезбедува општината е регулирано во еден член од Законот за локалната самоуправа, но реално има потреба ова прашање да се доуреди, со цел подетално, можеби со подзаконски акт, точно да се прецизираат информациите кои задолжително мораат да бидат објавени, а кои што произлегуваат од надлежностите на општините и други законски обврски. Фискалната транспарентност секако, но и другите информации кои што се многу важни за граѓаните и кои што очекуваат да ги најдат на ВЕБ страниците на сите општини а важно е и да бидат објавени на воедначен начин. Тоа ќе биде олеснување и за општините, зашто секоја ќе го следи прописот за да дојде до најдоброто решение. На тој начин ќе се обезбеди систем, воедначеност и предвидливост и за општините и за граѓаните.

Како го објаснувате фактот дека некои од единиците на локалната самоуправа имаат индекс на буџетска транспарентност 16, а некои 0?

За прашањата кои што се поврзани со доброто управување како транспарентноста и отчетноста, пресудна е политичката воља, но исто толку е важно и дали општината има доволно човечки и технички ресурси. Во таа смисла сметам дека разликите се резултат и на едното и на другото, но целта е да се стеснува просторот за лична перцепција во смисла јас сакам или јас не сакам, а повеќе да се вложува во луѓе и знаење. И се работи во тој правец. Во изминатите неколку години, преку проект подржан од УНДП во 24 општини се воспоставени електронски платформи на кои што задолжително се објавуваат Буџетот со кварталните извештаи за трошењето на парите. Информациите се прикажани и графички за да може полесно да бидат разбрани од секој граѓанин. Целта е оваа добра пракса да биде прифатена од сите општини, а за тоа на некои ќе им биде потребна и поддршка.

До кога ќе се соочуваме со ситуација во која и покрај сомнителните трошења во општините, државата не само што ги простува долговите, туку понекогаш им обезбедува финансиска помош?

Една од главните причини за големата задолженост на општините што ја има констатирано и Државниот завод за ревизира е нереалното планирање на Буџетите, од што произлегува и нереално трошење. Еднаш Владата го покри долгот на општините во износ од 51% , но таквата праса не смее да се повторува. Ако на детето му купуваш играчка секогаш кога ќе заплаче, тоа никогаш нема да престане да плаче.Проблемот не треба да се создава, а за тоа пресудни се неколку работи-да се постигне поголема соодветност на надлежностите со финансиските средства. Не може повеќе да се пренесуваат надлежности без пари, тоа е неодржливо. Да се корегира системот на финансирање, да им се обезбеди поголема поддршка на помалите општини кои што немаат доволно сопствени извори на финансирање и што е исто толку важно, а тоа е дека градоначалниците мора да покажат поголема одговорност во наплатата на локалните даноци и такси, зашто со популизам и со квази грижа за граѓаните, крајниот ефект е целосна негрижа. Секој треба да си ја превземе сопствената одговорност, граѓаните да бидат консултирани како ќе се трошат нивните пари, но пред тоа локалните власти треба да го спроведат законот и да обезбедат средства во Буџетот. Не е во ред Буџетите на над половина од општините главно да се полнат со средства од централниот Буџет, за какви развојни политики може да се зборува ако општината располага само со наменски средства од централната власт. Во тој контекст актуелно е и прашањето дали сите општини треба да имаат исти надлежности, како сега, или пак треба да почнеме да разговараме за нови решенија во системот кои што на граѓаните ќе им гарантираат посигурни услуги.

Кои се според Вас најголемите проблеми и недоследности во однос на трошењето на општинските пари?

Веќе реков, неопходно е корегирање на системот на финансирање на што веќе се работи, реално планирање на општинските Буџети, вклучување на граѓаните во процесот на планирање. Кога ви се ограничени ресурсите не може да се реализираат одеднаш сите потреби. Најдобар начин да се донесе издржана одлука е да се консултираат граѓаните. Потребно е да ги подржиме општините и во креирање на алатки за консултација со користење на нови технологии. Граѓаните ќе се вклучат ако се доволно информирани и ако имаат лесен пристап. И тука е потребен посистемски приод, во смисла попрецизно да е пропишано на кој начин и за кои прашања граѓаните задолжително ќе бидат консултирани. И секако прашањето на отчетност, негово подигање на највисоко ниво. И сите тие работи се поврзани-информирање, консултација, креирање на одговорни политики, отчет за направеното. Граѓаните се се почуствителни кога е во прашање отчетноста и со право. Тие сакаат да го добијат најдоброто за своите пари, а властите треба да ги убедат дека го прават тоа на најдобар можен начин.

К.В.С.

Слични содржини