Милевски си оди од владиниот кабинет, кој ќе го наследи?

од Берта Китинска

Претседателот на ЛДП Горан Милески информираше дека во текот на наредната недела ќе поднесе оставка од министер за локална самоуправа.

После 3 годишно извршување на функцијата министер за локална самоуправа сметам дека е време за промени и на ова место да дојде друг кадар од ЛДП, вели за „Локално“, лидерот на ЛДП и министер, Горан Милевски во врска со информациите во медиумите дека се повлекува од функцијата во Владата.

„Раздор во партијата не постои“, тврди лидерот на ЛДП, посочувајќи дека до крајот на годината треба да се одржи редовен конгрес на кој ќе се донесат клучни одлуки во партијата.

-Сите сме во редовна и нормална комуникација. До крајот на годината треба да одржеме редовен конгрес и до тогаш ќе одлучиме сите заедно што е најдобро за партијата. Има доволно време до тогаш да ја донесеме најдобрата одлука, посочува тој.

Пратениците од партијата тврдат дека нема раздор во партијата и дека раководството на ЛДП е во секојдневна комуникација.

Ќе ми биде предизвик да бидам првата жена претседателка на партијата, вели пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова во разговор за „Локално“, откако лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски потврди дека се повлекува од партијата и Владата.

-Либерална-демократска партија е исправена пред предизвици за промени кои ќе донесат нови политички и социо-економски програми. До крајот на годината претстои изборен Конгрес на кој членовите, органите и телата ќе донесат одлуки за идното делување на партијата. Секоја одлука ќе биде донесена во координација и со поддршка на членовите и актуелниот претседател Милевски.Доколку се донесе одлука да бидам избрана за претседателка истата ќе ја почитувам и ќе работам согласно либералните постулати. Воедно ќе ми биде предизвик затоа што ќе бидам првата жена претседателка на партијата, посочува таа.

Во врска со информациите дека за нови министер за локална самоуправа во најтесна конкуренција се двајца кандидати, меѓу кои е и поранешниот партиски лидер и скопски градоначалник Ристо Пенов, пратеничката посочува дека сите поранешни претседатели помагаат со свои предлози и мислења и се дел од партијата.

-Во моментов не би шпекулира ничие име, сепак партијата има постапка која ја спроведува при изборот на функционери. Факт е дека Ристо Пенов никогаш не заминал од партијата и како и сите поранешни претседатели на ЛДП учествувал во давањето мислења, предлози и совети, појаснува таа.

Слични содржини