„Мило, него кој“: Ковачевски го поддржа Ѓукановиќ пред изборите во Црна Гора (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Премиерот на Северна Македонија и лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Северна Македонија (СДСМ) Димитар Ковачевски пред изборите в недела им испрати поддршка на актуелниот претседател Црна Гора и лидерот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ.

Ова се наведува во соопштението на ДПС.

„Почитувани членови на Демократската партија на социјалистите на Црна Гора, споделуваме исти вредности. Како социјалисти и како социјалдемократи, работиме и се бориме за подобар живот на нашите граѓани, со јасна визија за напредок и европски пат. Нашите народи се исто така многу блиски, долги години го следиме истиот пат, градејќи европска иднина за нашите земји, преку членството во НАТО и преговарачкиот процес за полноправно членство во ЕУ“, вели Ковачевски.

Тој наведува дека не треба да потенцира колку се важни овие избори за иднината на Црна Гора.

„Верувам дека сите го разбираме тоа. Заклучокот е дека оваа одлука е важна за граѓаните на Црна Гора вистински да продолжат по патот на иднината, по патот на европските вредности, економскиот и демократскиот развој“, посочи тој.

Тој наведува и дека е убеден оти граѓаните на Црна Гора ќе го препознаат регионалниот, политичкиот и економскиот контекст и нема да дозволат неизвесност, нема да дозволат враќање назад и нови поделби, туку ќе изберат стабилност, безбедност и силно ќе ја поддржат европската иднина на земјата.

„Почитуван Мило, ја имате поддршката од Социјалдемократскиот сојуз на Северна Македонија и македонските социјалдемократи. Ви посакувам успешна кампања, мирен изборен ден и победа на претседателските избори во недела. На тој начин Црна Гора ќе остане на вистински пат, а што би рекле моите драги црногорски пријатели – Мило, него кој“, заклучи Ковачевски.

Слични содржини