Мишел: Македонци, вашата земја го прави првиот чекор во преговорите со ЕУ

од Берта Китинска

Македонци, денес вашата земја го прави првиот клучен чекор на патот на преговорите со Европската Унија. Земјата презеде важни реформи и знам дека Македонците се посветени на нашата заедничка иднина во ЕУ, наведе претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во изјавата по повод отворањето на пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

– Сфаќам дека патот до оваа точка е долг и предизвикувачки. Како што видов од прва рака, дебатата беше особено интензивна во Северна Македонија, но на крајот доведе до позитивно гласање во националниот парламент, Собранието, потенцира Мишел.

Тој нагласува дека на патот кон полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија може да смета на неговата целосна поддршка.

– Денес, конечно направивме важни чекори напред во отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Во Брисел се одржаа меѓувладини конференции на министерско ниво за спроведување на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година за отворање на пристапните преговори. Им честитам на властите и на граѓаните на Северна Македонија и Албанија за ова долгоочекувано достигнување, потенцира Мишел.

Слични содржини