Мицкоски за DW отфрла секаква можност за договор

од desk4

-Ние веруваме во правда и правдина и не признаваме никаква трговија со правото и правдината. Обвинетите се невини жртви на политички прогон од страна на Зоран Заев и СДСМ. Заев во неговиот говор имаше можност ним и на нивните семејства јавно да им се извини за сѐ што претрпеа тие во изминатата година, но тој одлучи во негов манипулативен стил да условува, поддржете го Договорот со Грција и потоа ќе има амнестија. Срамота – вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Дојче Веле“, во кое тој не отстапува од партискиот став дека е неуспешен референдумот за Договорот со Грција.

Во врска со можната амнестија за 27 април и повикот на потпретседателот на партијата, Митко Јанчев, да биде прифатена таква понуда, Мицкоски вели дека тоа е негов личен став. Понудата, додава, не е ни витешка, ни чесна.

На прашањето дали има шанса да се најде заеднички јазик со Заев за Договорот, тој одговара:

-Има шанса да констатираме дека Договорот е мртов. Секое натамошно силување на овој процес само ќе произведе дополнителни тензии и поларизации во општеството, а единствен виновник за тоа е Зоран Заев кој ветуваше нешто што не може да го исполни. Како пропадна предлогот ‘Илинденска Македонија’? Ципрас рече дека нема 151 пратеник што ќе го прифати тој предлог т.е. дека нема мнозинство во грчкиот парламент. Зошто Заев не рече:  ‘Немам двотретинско мнозинство, и не го прифаќам предлогот Република Северна Македонија“, вели Мицкоски.

Тој реагира на одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери да не го прифати неговото барање да се обрати пред пратениците на пленарната седница. Говорот што тој требало да го каже во Собранието го нарекува „забранет“ и најавува дека јавноста ќе го слушне како што вели „денес-утре“.

-Ако можеа Могерини и Столтенберг да се обратат во парламентот, не разбирам зошто не може да се обрати и лидерот на најголемата опозициска партија. Бидете трпеливи, денес-утре ќе го слушнете забранетиот говор и сето она што сакам да и го соопштам на јавноста како моја порака, вели Мицкоски во интервју за Дојче Веле.

Тој ги отфрла забелешките на меѓународната заедница дека доколку Догоорот пропадне, вината ќе биде на опозицијата и ги демантира информациите на кои се повикува ДВ од партијата дека бил во Белград на средба со српскиот претседарел Александар Вучиќ.

Слични содржини