МО за украинското млеко: Инсинуациите на Левица се злонамерни, постапката за набавка е планирана со годишниот план

од Nikola Popovski

Тендерската постапка за набавка на млеко и млечни производи за потребите на Армијата како и секоја друга тендерска постапка во Министерството за одбрана е лесно достапна на Електронскиот систем за јавни набавки и на сајтот на Министерството за одбрана. Инсинуациите во соопштението на Левица се злонамерни, велат од Министерството за одбрана за „Локално“ како реакција на обвинувањата на Левица дека „на трпезата на АРМ се сервира украинско млеко, по донираното оружје за Украина“.

Од ресорот одбрана ја повикуваат Левица на „малку поголема сериозност во нивните јавни настапи и елементарна одговорност да не нанесуваат штета на државните институции“.

-Министерството за одбрана со највисока транспарентност јавно ги објавува сите информации за своите јавни  набавки. Постапката за набавка на млеко стерилизирано (во пакување од 0,5 литри), како дел од постапката за набавка на млеко стерилизирано, млеко пастеризирано, јогурт, павлака, сирење и кашкавал за потребите на Армијата и СУТВОиО е планирана со годишниот план за јавни набавки на МО за 2022 година бр.01-167/1 од 31.01.2022 година. Објавен е оглас за јавна набавка бр.17232/2022 година со датум на отварање на истиот 14.11.2022 година. Согласно вредноста на набавката (поголема од 130.000 евра за стоки и услуги) и член 41 став 3 од ЗЈН истиот е објавен и во Службеното гласило на Европската унија, додаваат од Министерството за одбрана.

Информираат дека на 14.11.2022 година во 10.00 часот, Комисијата за јавна набавка назначена во одлуката за јавна набавка, во состав од 3 члена и нивни заменици извршила јавно отварање на пристигнатите понуди.

-Утврдено е дека за Дел 10 – Млеко стерилизирано (во пакување од 0,5 литри) пристигнати се 3 понуди од понудувачите: ДАУТИ КОМЕРЦ Друштво за производство, промет и услуги увоз-извоз АД с.Бојане општина Сарај, Друштво за производство,трговија и услуги МОЛТЕД  ДООЕЛ експорт-импорт Скопје и Друштво за сточарство,земјоделие и трговија ЃОРГИЕВИ ДООЕЛ с.Гарван Конче. Во евалуацијата на понудите комисијата утврдила дека документите на сите понудувачи се уредни и дека нивните понуди одговараат на барањата од техничката спецификација, при што дала предлог како најповолна понуда согласно утврдениот критериум најниска цена да се избере понудата на понудувачот Друштво за сточарство,земјоделие и трговија ЃОРГИЕВИ ДООЕЛ с.Гарван Конче.  Понудено е Млеко трајно – Buryonka, со 3,2%mm -500 ml (Бурјонка 3,2%мм)- 500 мл од Производител: Loostdorf Ltd., Украина. Со цена од 82,000 денари без ДДВ за литар, стои во соопштението на МО. 

Претходно Левица обвини дека е нејасно како е стигнато украинското млеко за потребите на македонската Армија.

-Министерката Петровска јавно треба да одговори дали е распишан тендер за овие производи или се компензација за самоуништувањето на безбедносните капацитети на Македонија, со испраќање на тенковски возила на АРМ кон украинскиот фронт, побараа од партијата на Апасиев.

Н.П.

Слични содржини