Мојсоска Блажевски: Политичката неизвесност и растот на цените на енергијата ќе влијаат на економијата и бизнисите

од Vladimir Zorba

Најавите за ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори ќе доведат до нова економска неизвесност. Во интервју за локално.мк извршната директорка на Македонија 2025 Никица Мојсоска Блажевски вели дека ваквите случувања ќе се рефлектираат на економијата.

„Мислам дека ќе дојде до одредени политички превирања и нестабилност што веднаш ќе се рефлектира на економијата. Оваа политичка неизвесност, заедно со инфлаторните движења и растот на цените на енергијата негативно ќе влијаат врз економијата и бизнисите, врз очекувањата и проекциите”,вели Мојсоска Блажевски.

Дополнителна неизвесност надвиснува по неуспешниот тендер за набавка на бараните количини јаглен за РЕК Битола. Компаниите се се погласни во однос на негативните ефекти предизвикани од енергетската криза вели Мојсоска Блажевски.”Прогнозите на компаниите се различни, од целосна апокалипса до помали негативни ефекти.Цената веќе беше нагорно корегирана годинава, а не е исклучена можност за повторна корекција. На краток рок, не може многу да се направи за амортизирање на шокот, објаснува таа.

Владата треба да ги заштити граѓаните од ценовните шокови преку привремено зголемување на социјалната помош, вели Мојсоска, а може по примерот на Чешка да направи и корекција на даночните стапки. Замрзнување на цените според неа е контроверзна мерка која ќе доведе до дисторзии на пазарот.”Сето ова би дало резултат на краток рок, но доколку инфлаторните тендеции продолжат тогаш треба да се размислува за друг вид на поддршка или промени во политиките, рече Мојсоска.

Во однос на забелешките од извештајот на Европската комисија, Мојсоска вели дека документот го потврдува тоа што го знаеме, а тоа е дека не чека уште многу работа за да ја подобриме конкуренцијата во економијата, да ја зголемиме конкурентноста на домашните бизниси, да бидеме транспарентни во јавните политики и доделување на државна помош. “Само така ќе создадеме општество во кое има корективни механизми и кое прогресира напред. Од нас зависизаклучува таа.

По локалните избори и исходот од нив на политички план, се надвисна нова неизвесност во економијата.Какво е вашето мислење за постизборната економија? Дали економијата и бизнисот ќе влезат во период во кој ќе биде тешко да се планира и инвестира?

-Често желбите и реалноста се различни поради што е тешко да се коментира или одговори на вакво прашање. Локалните избори не би требало да влијаат врз економијата и носењето на политики на централно ниво. Но, со оглед на најавите и дискусиите за ново парламентарно мнозинство, нови предвремени избори и тн, вашето прашање е сосема легитимно. Мислам дека ќе дојде до одредени политички превирања и нестабилност што веднаш ќе се рефлектира на економијата. Кажано наједноставно, носителите на политиките (владата) нема да бидат целосно фокусирани на економијата, граѓаните и иднината. Оваа политичка неизвесност, заедно со инфлаторните движења и растот на цените на енергијата негативно ќе влијаат врз економијата и бизнисите, врз очекувањата и проекциите.

Какви ефекти врз стопанствениците ќе има енергетската криза? Во Србија веќе се говори дека клуч на врата ќе стават 30% од фирмите.

-И во Македонија компаниите се се погласни во однос на негативните ефекти кои ќе ги предизвика енергетската криза. Стопанските комори веќе разговарата со Владата за можни решенија. Притоа, прогнозите на компаниите се различни, од целосна апокалипса до помали негативни ефекти. Владата реагираше малку задоцнето, а од она што го прочитавме од медиумите, тендерите за набавка на јаглен не биле успешни односно понудената количина е под побаруваната, што уште повеќе ја зголемува неизвесноста. Цената веќе беше нагорно корегирана годинава, а не е исклучена можност за повторна корекција. На краток рок, не може многу да се направи за амортизирање на шокот. Но, кризата отвори и некои дилеми во Македонија но и во секоја земја во однос на енергетска зависност, користење на обновливи извори на енергија и тн, а отвори и многу гео-политички прашања кои се надвор од наша контрола. Глобалните превирања и провокации меѓу САД, Кина, Русија (па и НАТО сојузот) не даваат комоција дека состојбата ќе се стабилизира брзо и дека неизвесноста во светот и Македонија набрзо ќе се намали. Со други зборови, не чека тешка година и во 2022.

Поскапувањето на храната и услугите и најавата на НБРМ за нагорна корекција на стапката на инфлација ја загрижи јавноста. Дали треба да не смират најавите дека инфлацијата е од времен карактер и дека цените ќе се стабилизираат догодина?

-Најголем број од економските експерти (вклучувајќи ги и експертите од ММФ и Светска Банка) сметаат дека порастот на цените има времен карактер и се согласуваат дека растот на трошоците за живот е резултат на фактори на понудата, а не на побарувачката. Но сепак сите упатуваат на ризици кои потекнуваат од прекините на синџирите на снабдување во светот како резултат на корона кризата, како и порастот на цените на енергијата (електричната енергија и гасот). Сето ова упатува дека треба да бидеме внималтелно па и загрижени затоа што многу фактори придонесуваат за порастот на цените, а засега барем на краток рок не се забележува нивно подобрување.

Кои мерки треба Владата да ги дизајнира за да ги заштити најранливите граѓани од ценовните ефекти а да не наштети на пандемското закрепнување?

-Најпрво, Владата треба внимателно да го следи растот на цените во нашата земја и да утврди дали растот на цените е исклучиво како резултат на увозните цени и цените на енергијата или се појавува и притисок од страна на побарувачката. Засега анализите упатуваат дека порастот на цените е резултат на увезената инфлација. Во вакви случаи важно е Владата да ги заштити најранливите категории на граѓани, а тоа може да се направи преку привремено зголемување на нивото на социјална помош, како и со корекција на даночните стапки кај даноците на потрошувачката. Чешката Република го сведе на 0% данокот на додадена вредност, а тој пример може да го следи и нашата Влада. Секако и намалување на акцизите на горивата е мерка која досега се користеше и даде резултат. Сето ова би дало резултат на краток рок, но доколку инфлаторните тендеции продолжат тогаш треба да се размислува за друг вид на поддршка или промени во политиките.

Дали замрзнување на цените или откажување од акцизата за горивата се мерки за кои треба да се размислува?

-Замрзнување на цените е мерка која ја користеше Анте Марковиќ уште во Југославија. Оваа мерка е контроверзна и прави дисторзии на пазарот и затоа сметам дека треба да се применуваат други мерки. По дефиниција, таква мерка води до недостиг на производи, што не би сакале да се случи.

Дали како резултат на инфлацијата може да  се очекува и раст на каматните стапки?

-За земја како Република Македонија, со фиксен девизен курс, пораст на каматните стапки би требало да се очекува во услови на намалување на девизните резерви. Според податоците што ги објавува Народната банка, нивото на девизните резерви е адекватно односно нема потреба од нагорна корекција на каматните стапки. Во ноември, Народната банка ќе ги претстави проекциите за 2022 година каде ќе видиме какви се очекувањата за нивото на девизните резерви за 2021 како и за следната година. Доколку очекувањата се позитивни, корекција на каматните стапки не е потребна, туку напротив може да се пристапи кон нивно намалување за да се стимулира економската активност.

Во економскиот дел од извештајот на Европската Комисија нотиран е умерен напредок за важни фискални и структурни реформи во Македонија.Што всушност значи квалификцијата “умерен” и треба ли да бидеме задоволни од неа?

-Одговорот е и да и не, зависно кои се очекувањата, амбициите и желбите. Важно е да има напредок, но понекогаш квалификацијата „умерен„ е повеќе израз на дипломатски речник отколку стварен напредок. Како и да го толкуваме тоа (бидејќи е отворено за различни толкувања), мора да вложиме повеќе енергија и напори за да напредуваме по патот кој сме го одбрале самите, а тоа е членство во ЕУ. Верувам дека поголемиот дел од целите поставени на патот кон ЕУ (и „измерени„ во извештајот), се во согласност со нашите национални цели, но и дека треба да направиме и ние самите приоритетна листа каде сакаме да напредуваме повеќе и побрзо. Нашите ресурси (финансиски, човечки ресурси и тн.) се ограничени и треба да ги насочиме кон јасна цел. Но тука ќе спомнам дека Македонија сеуште нема долгорочен развоен план, со други зборови не знаеме која ни е целта. Истата е во процес на подготовка, тоа е добро, но неприфатливо е да не постои долгорочен развоен документ.  Заради ова, се фокусираме на краткорочни, дневни цели и политики, а ја занемаруваме иднината, иновациите, човечкиот капитал и тн.

Извештајот нотира слабости во поглед на менаџирањето со јавните финансии, структурата на јавните расходи, конкурентност на пазарот…Кои од овие негативни оценки треба да не загрижуваат и кои најчесто се повторуваат?

-Извештајот го потврдува тоа што го знаеме, а тоа е дека не чека уште многу работа за да ја подобриме конкуренцијата во економијата, да ја зголемиме конкурентноста на домашните бизниси, да бидеме транспарентни во јавните политики и доделување на државна помош, и тн. Би рекла дека тие не се критики или оценки, туку насоки како да се подобриме кои доаѓаат од некој однадвор, па можеби и се пообјективни. Во делот на економските политики мислам дека главни насоки се потребата за поголема транспарентност, избегнување на дискреција во носење на одлуки и недостиг на механизми за следење и евалуација. Пример е Планот за економски раст кој не се евалуира, нема поставено таргети и тн. Сето тоа ја намалува транспарентноста, отчетноста, одговорноста за исполнување или неисполнување на планот, па и можноста за корективни мерки доколку не се постигнуваат саканите резултати. Од друга страна, би ги издвоила како позитивни примери, отворените финансии на Министерство за финансии, концептот на СМАРТ финансии, обидот на Владата да подготви извештај за реализација на мерките од анти-кризните пакети и тн. Сите мораме да работиме на развивање на свесноста за тоа колку е важна транспарентноста, отчетноста, признавање на грешки, корекција и тн. А паралелно треба да се подобрува и „писменоста„ на јавноста, на сите нас, за барање на податоци, барање на одговори, разбирање на анализите и тн. Само така ќе создадеме општество во кое има корективни механизми и кое прогресира напред. Од нас зависи.

К.В.С.

Слични содржини