МП: Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение, изјавиле за МИА од министерството за правда.

Од министерството посочиле дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија.

Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто.

Владата вчера соопшти дека Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини и додаде дека тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.

Слични содржини