Муцунски: Во Лисиче ќе се градат само неколку згради

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска одржа прес-конференција во врска со процесот на изработка на ДУП-от во дел од населбата Лисиче. Според него, „станува збор за координирана кампања насочена кон ширење лажни вести и дезинформации пред граѓаните“.

„Само кај нас во Македонија, може да имаме случај кога неуспешен градоначалник, на сомнителен начин унапреден во потпретседател на политичка партија на власт на својата мајка и помага да купи земјиште за луксузен хотел и тоа по багателни цени, токму во општина каде неговата партија е на власт. Или, пак случај каде отсуство од седница на владата може да биде земено како позитивна околност, а не како сомнеж за коруптивно дејство при продажба на земјиште на својата сопруга по нереално ниски цени“, истакна Муцунски.

Тој истакна дека граѓаните се свесни дека „СДСМ е симбол и школски пример за корупција“ и ,како што вели, стои зад овие неточни обвинувања.

Како што посочи Муцунски, на локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче, не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој за прв пат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.

Претходно од СДСМ побараа Антикорупциската комисија да отвори случај.

-Имено, според информации кои се јавно објавени од повеќе медиуми, неколку парцели во Лисиче со површина од над 1.000 метри квадратни, биле купени како ниви,  пред овој урабистички план да биде во процедура. Дали купувачите знаеле дека токму таму ќе се градат згради и дали однапред знаеле дека маркиците за згради ќе бидат токму на тие парцели?, прашуваат од СДСМ.

Слични содржини