МВР: 21 приведено лице од кои 19 бугарски државјани е билансот од вчерашниот натпревар Шкупи-Левски

од Nikola Popovski

Навивачот на бугарски Левски кој вчера беше избоден со нож во Чаир е опериран во ГОБ „Св.Наум Охридски“ и е во стабилна состојба. Ова е исходот од пресметката во скопската населба меѓу фановите од Софија и локалните жители.

Нападот бил пријавен во 18.38 часот дека се случил на ул.„Цветан Димов“, при што бил употребен и остар предмет до кој бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди. Од полицијата велат дека по преземени мерки и активности утврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и се расчистува случајот, по што ќе бидат поднесени пријави.

Инциденти имаше и на трибините, додека група навивачи на Левски беа приведени поради судир со полицијата.

Во такви околности, помалку важно е што Велтон во 31. минута и Роналдо во 94. минута постигнаа голови за бугарскиот клуб, кој успеа да забележи победа пред реваншот во второто коло од квалификациите за Конференциската лига.

МВР доцна синоќа излезе со информации дека вкупно 21 лице биле уапсени пред, за време и по натпреварот меѓу Шкупи и Левски, од кои 19 се бугарски државјани.

Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и двајца навивачи на навивачката група на ФК Шкупи, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка. И тие се приведени и ќе се соочат со законски предвидените поднесоци.

Слични содржини