Над 70 отсто сметаат дека државата треба да ги компензира привремено или вработените како хонорарци кои останале без работа поради кризата

од Vladimir Zorba

Две третини од граѓаните или 66% сметаат дека државата треба да покрие дел од загубите на домашните приватни компании предизвикани од кризата, додека 12,3% сметаат дека државата не треба од буџетски средства да ги покрива загубите. За 79,1% од анкетираните државата треба да покрие дел од загубите на најпогодените компании, додека само 5,6% не се согласуваат со тоа, вели најновата анкета на Детектор.

Кога станува збор за помош и на домашните и на странските компании, поддршка даваат 54,5% од анкетираните, а 21,7% се против.

Инаку, 70,6% од граѓаните или нешто над две третини се на ставот дека државата треба да ги компензира и оние кои биле привремено или вработени како хонорарци, а останале без работа како резултат на корона кризата, додека 8,9% се против.

Најголем дел од граѓаните велат дека покрај за своето здравје, економската криза е тоа за што најмногу се грижат во овој период. Ваков став имаат 38,8% од анкетираните. Вкупно 15,3% стравуваат од колапс на здравствениот систем а 10,7% од недостаток на храна, лекови и други стоки, додека 5,6% стравуваат од губењето на работното место.

Анализирано според возрасната структура, за економската криза најголема е загриженоста кај анкетираните кои имаат меѓу 40 и 49 години. Дури 48,6% од нив велат дека покрај можноста да се заразат, најмногу се плашат од економската криза. Граѓаните кои се помлади но и постари од оваа група велат дека се нешто помалку загрижени за економијата.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1.116 испитаници во периодот од 18 до 21 март со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Слични содржини