Најбогатите Руси изгубиле 32 милијарди долари од почетокот на годината

од Vladimir Zorba

Богатството на најбогатите луѓе во Русија падна за 32 милијарди долари од почетокот на годината, а се очекува ескалацијата на конфликтот во Украина да продолжи да го уништува нивното богатство.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера објави санкции, кои целат и некои од најбогатите Руси.

Бајден, исто така, рече дека ќе испрати повеќе американски војници во балтичките републики.

Генадиј Тимченко е најголемиот губитник меѓу руските милијардери, откако речиси една третина од неговото богатство испари во 2022 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.

Богатството на 69-годишниот Тимченко, кој се зближи со рускиот претседател Владимир Путин во 1990-тите, моментално се проценува на околу 16 милијарди долари, од кои најголемиот дел е поврзан со неговиот удел во рускиот производител на природен гас „Новатек“.

Богатството на Леонид Микелсон, кој исто така е акционер во „Новатек“, падна за 6,2 милијарди долари оваа година, додека богатството на претседателот на „Лукоил“, Вагит Алекперов падна за околу 3,5 милијарди долари во истиот период, откако акциите на енергетската компанија паднаа за речиси 17%.

Вкупното богатство на 23-те милијардери во земјата моментално изнесува 343 милијарди долари, според „Блумберг“, во споредба со 375 милијарди долари на крајот на 2021 година.

Акциите паднаа уште оваа недела откако Путин ги призна двете сепаратистички републики во Украина, што ја натера Германија да го прекине проектот за гасоводот „Северен тек 2“ и воведување санкции за пет руски банки и тројца најбогати Руси, вклучително и Тимченко.

На списокот на британските санкции се и 65-годишниот Борис Ротенберг и неговиот внук Игор, чии семејства успеале да го соберат богатството од градежната компанија за гасоводи „Стројгазмонтаж“.

Слични содржини