Наместо за буџетот, пратениците се скараа за тоа кој ќе биде на пратенички листи за изборите

од Aleksandar Todeski

Пратениците на Комисијата за финансирање и буџет наместо за предложениот буџет за 2020 година, се скараа за тоа кој ќе биде на пратеничките листи за престојните избори. Пратеникот од владејачката СДСМ, Илија Николовски рече дека пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова настапувала со манипулации бидејќи се борела да остане на листите.

„Воодушевен сум од вашата моќ за манипулација. Зборувате дека за три месеци ќе дојдете на власт, а немате што да понудите. Половина од вас нема да бидат на листите на Мицкоски. Ве разбирам, се борите да останете на листите“, рече Николовски.

Тој истакна дека во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, имало криминали насекаде, а како еден пример го наведе проектот „Скопје 2014“.

„Откако е оваа власт дојдена, од јуни 2017 година, пензиите се зголемени за 700 денари, а во 2020 година истите ќе се зголемат за 900 денари, или вкупно 1600 денари. Ова ќе биде историско зголемување на пензиите. Пензиите во Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија се помали. Би сакал манипулантите да кажат тројца чесни од претходната гарнитура“, рече пратеникот од СДСМ.

Пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова рече дека тој сигурно ќе останел на листите на владејачката СДСМ, бидејќи бил единствен пензионер кој ја поддржувал власта.

„Отворив сериозна тема, не можам да прифатам дека само говорењето за пензионери и друга гатегорија без омаловажување на граѓани, е сериозно прашање, а прашањето кое ги тангира вработените во културата, да кажете дека е несериозна тема. Со кој дел од мојот говор не се согласувате? Во кој дел од мојот говор јас манипулирав? Колку е поголема паниката од пораз, толку е поголема потребата од манипулативни настапи. Го омаловажувате политичкиот конкурент со лажни зборови кои никогаш не биле кажани од наша страна. Вие сигурно ќе бидете на листата за следните избори, зошто сте единствениот пензионер кој ја поддржува власта“, рече Манаскова.

Таа додаде дека „Скопје 2014“ бил добар и чист проект и дека пратениците од СДСМ непотребно се фаќале за овој проект секогаш.

 

А.Т.

Слични содржини