Наумовски: Идните чекори кои ќе ги преземе американската администрација би требало да ги загрижат корумпираните политичари

од Nikola Popovski

Оваа последна најава е само продолжение на напорите на САД да ја поддржат борбата против корупцијата во Македонија, кои во последно време се особено нагласени. Корупцијата е суштинскиот проблем за владеењето на правото, економскиот развој, и севкупно за иднината на целото општество, и идните чекори кои ќе ги преземе американската администрација би требало да ги загрижат корумпираните политичари, вели во разговор за „Локално“, професорот и поранешен македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски за пристигнувањето на специјален тим од Вашингтон кој што „ќе лови“ бивши и сегашни корумпирани функционери во земјава.

Тој истакнува дека севкупната поддршка од САД за зацврстување на правната држава, воспоставување на независно судство, реформи во администрацијата, и други области ќе остане без соодветни резултати доколку не се расчисти со корупцијата.

-После зачленувањето во НАТО и отворањето на почетната фаза од преговорите за членство во ЕУ се засилува и мониторингот во оваа област. Согласно последниот извештај на “Транспаренси интернешнл” ние сме државата-членка на НАТО со највисок степен на корупција, и логично е сојузниците, предводени од САД, да се загрижени за овој проблем. Истовремено, исполнувањето на сите останати критериуми за членство е условено од резултати во борбата против корупцијата, што го потврдува и повеќеслојното значење на овој процес. За корумпирана Македонија нема место во ЕУ, дециден е Наумовски во својот коментар.

Поранешниот амбасадор очекува и други лица од земјава да бидат ставени на црната листа на Министерството за финансии на САД, како што беше случај со поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ДБК и негов братучед, Сашо Мијалков.

-Сметам дека во скоро време може да очекуваме и други лица да се најдат на оваа листа, имајќи предвид дека во изминатите неколку години бевме, и сме сведоци на широко распространета корупција на сите нивоа, а јавна тајна е спрегата меѓу политичарите и организираниот криминал, кој не познава етнички или партиски граници, порачува Наумовски.

Соговорникот смета дека повеќе институции покрај Државната комисија за спречување на корупција може да бидат инволвирани во истрагата на американскиот тим.

-Повеќе институции имаат надлежности во оваа област, и соодветно на нивните ресурси и капацитети можат да дадат свој придонес, доколку се обезбеди независност и непристрасност во нивното делување, оценува Наумовски.

За вчерашната најава на американската амбасадорка Анџела Агелер, говореше и премиерот Димитар Ковачевски. Тој посочи дека го дели истиот став и визија кога се работи за борбата против корупцијата.

-Неколку дена пред тоа имав разговор со помошникот секретар во Министерството за финансии на САД на кој разговараме токму за вакви теми и стратешкиот дијалог кој го имаме со САД особено во делот на владеењето на правото претставува и активности кои се конкретни, а една од тие активности е токму оваа активност којашто денеска ја најави американската амбасадорка, а тоа е присуството на тим на САД којшто се занимава токму со овие прашања. Вие знаете дека на агендата на нашата Влада многу високо е владеењето на правото и борбата против корупцијата и дури и овие денови тоа е главна тема која што ги окупира нашите медиуми, меѓутоа и нашите политички институции, рече Ковачевски од Тирана каде што присуствуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Н.П.

Слични содржини