„Навални починал од природна смрт“: Се огласи шефот на украинската разузнавачка служба

од Stefanija Kuzmanovska

Шефот на украинската одбранбена разузнавачка служба, Кирил Буданов, изјави дека рускиот опозициски политичар Алексеј Навални починал од природна смрт, поточно од згрутчување на крвта, пишува „Украинска правда“.

„Можеби ќе ве разочарам, но дознавме дека починал од згрутчување на крвта. Тоа е горе-долу потврдено. Ова не е преземено од Интернет, туку за жал, се работи за природна смрт“, рече Буданов.

Тој, исто така, ги повика луѓето да не веруваат дека рускиот режим „ќе биде соборен сам по себе“, наведувајќи дека „без наша помош тоа е нереално“.

Додаде дека стабилниот режим во Русија претставува закана за Украина и за светот и дека Украина ќе продолжи да спроведува операции на руска територија.

„Се додека сме во војна, ќе има проблеми внатре во Руската Федерација“, истакнал Буданов.

Покрај тоа, тој најавил нови напади врз руските воени бази на привремено окупираниот Крим.

Попладнето на 16 февруари, руската Федерална казнена служба ја објави смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во Поправниот дом бр. 3 во Харп, автономен округ на Јамало-Ненец, северозападен Сибир.

Алексеј Навални беше во затвор од почетокот на 2021 година.

На 24 февруари, вработените во рускиот затвор конечно ѝ го предадоа телото на Навални на неговата мајка.

Слични содржини