Не се доволни Меси, Нејмар и Мбапе: Бисерот на Јунајтед на мета на ПСЖ

од Nikola Popovski

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд би можел да ја продолжи кариерата во Пари Сен Жермен, објави француски „Лекип“.

Рашфорд во последно време имаше многу проблеми со повредите, а минатата сезона беше во исклучително лоша форма.

Без разлика, 24-годишниот Англичанец важи за многу квалитетен и талентиран напаѓач, а ПСЖ има намера дополнително да ја засили офанзивната линија, иако веќе ги има Килијан Мбапе, Лионел Меси и Нејмар.

Веќе се водат преговори меѓу напаѓачот и челниците на Париз, а важен фактор може да биде добриот приватен однос меѓу Рашфорд и Мбапе.

Рашфорд има договор со Јунајтед уште една година, плус уште една ако клубот се одлучи да го продолжи. Неговата цена на пазарот според „Трансфермаркт“ е 60 милиони евра, а се уште не е познато колку парижаните се подготвени да понудат.

Англискиот напаѓач досега забележа 304 настапи за „црвените ѓаволи“, а успеа да постигне 93 гола со 57 асистенции.

Јунајтед неодамна на тренерската позиција го доведе Ерик Тен Хаг, но во првото коло од Премиер лигата претрпе пораз од Брајтон со 2:1. Рашфорд беше вклучен во стартните 11, но прашање е колку на него сметаат во Манчестер за наредните години, со оглед на тоа што клубот со години не може да го врати стариот сјај.

Слични содржини