Николоски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени под овие услови

од Nikola Popovski

Нема ниту еден пратеник во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој што е спремен да гласа за промена на Уставот, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски вчера во емисијата „Само интервју“ нагласи доколку не се променат условите, тогаш како партија не се спремни ниту во следниот парламентарен состав да поддржат уставни измени.

-Под овие услови не сме спремни да гласаме за промена на уставот и доколку условите не се променат ни во овој ниту во следен парламентарен состав не сме спремни да го направиме тоа, затоа што многу едноставно е прашањето, а тоа е што Македонија добива, а што губи. Губи многу, добива малце, кажа пратеникот.

Николоски истакна дека македонскиот систем не познава ад хок комисија за уставни промени.

-Процедурата е многу јасна. За да се смени Устав има три фази. Првата фаза е со двотретинско мнозинство да се гласа таканаречена потреба за промена на Устав. Потоа во рамки на Собранието има уставна комисија која подготвува текст кој поминува со 61 пратеник. Истиот потоа се дава на јавна расправа, се собираат мислења од експертите и како финален тескт оди уште еднаш во Собранието со двотретинско мнозинство. Целата процедура трае 105 денови. Ова е устваната процедура во Македонија. Се друго е играње детски игри, кажа потпретседателот на најголемата опозициска партија.

Според него тие нема да прифатат промени во Уставот, освен ако се примени хрватскиот модел каде што ќе стои дека Македонија е национална држава на македонскиот народ.

Слични содржини