Нов топлотен бран во Европа, се предвидуваат рекордни температури

од Radmila Tasevska

Во Европа во следните недели се очекуваат потенцијално рекордни температури со наближување на нов топлотен бран, пишува денес Би-Би-Си.

Во Грција температурата надминува 40 степени, поради што најпопуларната туристичка атракција во земјата – Акропол е затворена во најжешките часови од денот, со цел да се заштитат посетителите.

Европската вселенска агенција (ESA) тврди дека Италија, Шпанија, Франција, Германија и Полска може да се најдат во екстремни услови.

Највисоката температура некогаш забележана во Европа била 48,8 степени на Сицилија во август 2021 година.

Во Грција, исто така, стравуваат од поголем ризик од пожар, особено во областите со силен ветер.

Таа земја претрпе големи пожари во 2021 година во интензивен топлотен бран.

Во четвртокот во Хрватска избувнаа пожари при што изгореа куќи и автомобили во селото Гребаштица на далматинскиот брег.

Високите температури ги зафатија и централните делови на Европа, а меѓу погодените земји се Германија и Полска.

Чешкиот метеоролошки институт издаде предупредување дека температурите може да надминат 38 степени за време на викендот, што се исклучително високи вредности за таа земја.

Во меѓувреме, во сабота во делови од Англија се очекуваат обилни врнежи и силен ветер.

Слични содржини