Нови снежни врнежи од понеделник, надлежните подготвени

од desk2

Управата за хидрометеоролошки работи според временската прогноза најавува нови снежни врнежи од понеделник а управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи информира дека сите надлежни институции се подготвени.

Од управувачкиот комитет со препорака сите граѓани на Република Македонија кои сметаат дека се загрозени, како и сите граѓани кои имаат сознанија дека други граѓани може да бидат загрозени од снежното време и ниските временски температури, да се јават на бесплатниот телефонски број 195 во Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно навремено доставување на информациите и податоците до сите надлежни институции.

Донесен е заклучок да се активира Главниот штаб, кој постојано ќе заседава и ќе ги следи тековно состојби од снежното време и ниските временски температури. Полициските сили на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата пак, да бидат подготвени за итни интервенции доколку е потребно.

Воедно, МВР, во соработка со ЈП „Македонија пат”, треба да го зголемат бројот на дежурни служби и сообраќајни контроли и патроли, особено на повисоките места, кои ќе ги предупредуваат возачите за задолжително поседување на зимска опрема, но и медицинска кутија за прва помош, а по потреба ќе информираат и за забрани за движење и пренасочување на тешки товарни возила стои во заклучоците на управувачкиот комитет.

Возилата и механизацијата на ЈП „Македонија пат” да бидат во постојан и континуиран ангажман, со цел одржување на возната состојба на патиштата и нормална проодност.

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Црвениот крст, веднаш да ги преземе сите потребни активности за навремено и превентивно згрижување на сите бездомни лица, не само од територијата на Град Скопје, туку од целата територија на државата како и навремено доставување на неопходни лекови или други медицински средства и слични неопходни потреби.

Предвидено е да има и зголемен број на итна медицинска помош како и поголема подготвеност на центрите за ургентна помош.

Слични содржини