Обама: Во конфликтот меѓу Израел и Хамас ничии раце не се чисти

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот американски претседател Барак Обама ги повика Американците „да ја погледнат целата вистина“ кога се обидуваат да ја разберат војната меѓу Израел и Хамас, велејќи дека „ничии раце не се чисти“.

„Ничии раце не се чисти“, истакнал 44-от претседател на САД за време на интервјуто за Pod Save America, подкаст кој го водат неговите поранешни колеги од Белата куќа, пренесува New York Post.

Обама рече дека она што го направи Хамас е страшно и дека нема оправдување за тоа, но нагласи дека е точно и дека израелската окупација и она што им се случува на Палестинците е неподносливо.

Според него, единствен начин да се реши кризата е да се прифатат тие навидум контрадикторни идеи.

„Вистината е дека во моментов умираат луѓе кои немаат никаква врска со она што го направи Хамас“, рече Обама и ги обвини социјалните мрежи за продлабочување на јазот меѓу двете конфликтни страни.

Поранешниот американски претседател е запаметен по затегнатите односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кого се судри околу нуклеарниот договор меѓу САД и Иран и проширувањето на израелските населби во областите кои Палестинците ги сметаат за нивна територија.

Обама ги повика Американците „да не се предаваат на гневот“, туку наместо тоа да ги слушаат спротивставените гледишта.

Слични содржини