Обложувалниците ќе работат, но само преку шалтерска услуга

од Nikola Popovski

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија информира дека согласно одлуката на Владата донесена денеска на 63-та седница, во перидот од 7 до 20 април уплатно-исплатните места, односно деловните објекти на спортските обложувалници ќе работат само преку шалтерски систем.

Поконкретно, со одлуката на Владата приемот на посетителите и работата на спортските обложувалници ќе биде исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, а согласно истата, делот за угостителски услуги, шанковите во спортските обложувалници воопшто нема да работат.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија ја следи состојбата со коронавирусот и целосно ги почитува протоколите за работа, како и одлуките на Владата за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Асоцијацијата апелира до своите играчи во целост да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид-19.

Владата денеска донесе дополнителни мерки за заштита на јавното здравје, согласно кои полицискиот час ќе трае од 20 до 5 часот наредниот ден, а се забранува и работата на сите угостителски објекти, обложувалници, теретани и фитнес центри.

Премиерот Зоран Заев информираше дека следува забрана и посебен режим на движење на граѓаните во време од 20 до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април до 20 април. На граѓаните кои извршиле имунизација во центрите за вакцина, за временски период пред започнување на забраната, им се дозволува враќање до своите домови со потврда за извршена вакцинација.

Потоа, се воведува целосна забрана за посетители во сите угостителски објекти, вклучувајќи ги и оние во хотели, мотели, пансиони и бензиски станици, а оние кои вршат продажба на храна, можат да ја вршат онлајн или телефонски. Оваа мерка ќе биде на сила од 7 април до 20 април. Исклучок од ова се угостителските објекти на аеродромите.

Слични содржини