Обвинение против соучесниците на терористот Кујтим Фејзулаи

од Vladimir Zorba

Обвинителството во Виена поднесе обвинение против шест лица за кои се верува дека биле соучесници на Кујтим Фејзулаи, Австриец со македонско-албанско потекло, кој изврши терористички напад во центарот на австриската престолнина на 2 ноември 2020 година, при што загинаа четири лица, а повеќе од 20 се повредени.

Тие се обвинети за терористичко здружување, учество во кривично дело тероризам, убиство, како и за злосторничко здружување.

Станува збор за шест лица на возраст од 21 до 32 години.

Обвинението се уште не е правосилно бидејќи адвокатите имаат право да поднесат жалба против него.

Еден од обвинетите му помогнал да избере цел за нападот, а друг позитивно ја коментирал неговата проштална порака на социјалните мрежи.

Друг обвинет го поддржал при прошталната посета со намера да изврши терористички напад.

Еден од обвинетите е 32-годишен маж со чеченско потекло, кој, според полицијата, му помогнал на Фејзулаи преку посредник од Словенија да набави полуавтоматска пушка марка Застава, модел 70АБ2, заедно со соодветна муниција, која му ја предал на 23.06.2020 година.

Преку истиот посредник терористот на 25.09.2020 година набавил пиштол „Токарев“ со муниција.

На 2 ноември 2020 година, во центарот на Виена, во таканаречениот „Бермудски триаголник“, добро познат кварт за забава, кој беше полн со луѓе таа вечер бидејќи беше ден пред „заклучувањето“, Фејзулаи отвори оган по случаен избор.

Во тој крвав пир уби четворица минувачи и рани 23 лица, пред полицијата да успее да го убие.

Инаку, Фејзулаи во април 2019 година, заедно со еден од обвинетите, 24-годишен маж, е осуден на 22 месеци затвор за терористичко здружување, бидејќи споделувал пропаганден материјал на Исламската држава и се обидел да се приклучи на оваа терористичка организација.

Во декември 2019 година тие беа ослободени од затвор, но и покрај наводната ресоцијализација и дерадикализација, тие останале верни на својот радикално-исламистички поглед на светот.

Преку социјалните мрежи и на состаноци, тие одржувале контакт со други поддржувачи на Исламската држава, се вели во обвинението на 117 страници.
Во обвинението се наведува дека Фејзулаи планирал терористички напад додека бил во притвор.

Тој веднаш по излегувањето од затвор побарал од еден од обвинетите оружје соопштувајќи го својот план.

Обвинителството наведува и дека Фејзулаи не ги криел своите намери, а од април 2020 година интензивно го подготвувал нападот.

Обвинителството ги обвинува обвинетите за поблиско учество во спроведувањето на терористичкиот напад отколку што досега можеше да се слушне од полицијата.

Слични содржини