Обвинителството влезе во МВР и зеде документи поврзани со автобусот на „Беса транс“

од Nikola Popovski

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) отвори предистражна постапка во која треба да се утврди како и зошто станицата за технички преглед „Виа Комерц“ не била затворена навремено иако пропусти во работењето биле утврдени и нотирани во записник, во која на последна контрола поминал и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија.

-Да ги испитаме наводите од кривичната пријава и од вчера почна да се одзема документацијата. Во МВР еден дел од документацијата е одземен од Одделот за сообраќајот, а еден дел од Одделот за управни работи, кои го изготвиле решението за затворањето на станицата за технички преглед, изјави обвинителката Вилма Русковска.

Според неа, истата станица е пререгистрирана на исто седиште.

-Денес ја земаме и таа документација. Откако ќе ја преземеме целата документација, откако ќе се проучи истата, ќе се одлучи за следните чекори, додава Русковска во изјава за Телма ТВ.

Предистражната постапка е отворена по кривична пријава која ја доставила група граѓани.

Несреќата се случи на 23 ноември, минатата година во раните утрински часови, при што автобусот на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, меѓу загинатите имаше 12 деца, а седуммина преживеаја.

Слични содржини