Од денес во градинките ќе се примаат деца со три дози ДиТеПер вакцина

од Nikola Popovski

Од денеска децата со примени три дози ди-те-пер вакцини можат да одат во градинка, но со услов да се ревакцинираат во наредните шест месеци. Лекарите сепак препорачуваат тие да останат дома најмалку две недели по примената трета доза.

За разлика од Скопје, во внатрешноста од земјава процентот на имунизација на децата од голема кашлица е околу 95 отсто.

Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ) минатата недела изврши стотина вонредни инспекциски надзори низ градинки во кои, како што информираше директорката Рената Младеновска, утврдено е дека се почитува решението за забрана за прием на нецелосно или делумно вакцинирани деца. Контролите ќе продолжат и во наредниот период.

Од 15 март во државава се достапни и вакцини против пертусис и за возрасни и како што информираше Министерството за здравство, граѓаните можат да се обратат во вакциналните пунктови.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 8 до 14 март се регистрирани нови 43 случаи на голема кашлица, со што бројот на заболени достигна 216.

Надлежните апелираат за масовна вакцинација на децата против голема кашлица, а веќе пристигнаа и вакцините за возрасни, кои не се задолжителни.

Слични содржини