Одложен вториот круг масовно тестирање во Словачка

од Stefanija Kuzmanovska

Вториот круг на тестирање на коронавирус на ниво на цела Словачка наиде на отпор, поради што беше одложен за засега неопределен датум.

Премиерот Игор Матовиќ во средата рече дека вториот круг повеќе не е планиран за 6 и 7 декември, но ќе се одржи на засега неопределен датум, објави новинската агенција dpa.

Матовиќ е голем поборник за тестирање на целото население, а во првиот круг, на 31 октомври и 1 ноември, беа тестирани 3,6 од вкупно 5,5 милиони Словаци. Во вториот круг ќе бидат откриени оние кои се инфицирале во меѓувреме.

Но, градските и локалните лидери се спротивставуваат на логистичките тешкотии при одржување на масовно тестирање, па сакаат тие да се фокусираат само на ранливите делови од населението.

Податоците во четвртокот покажуваат дека бројот на заразени во Словачка е малку зголемен. Противниците на масовното тестирање порано изјавија дека неодамнешниот пад на нови случаи се должи на делумното затворање во октомври и нема никаква врска со масовно тестирање.

Учеството во масовното тестирање беше доброволно, но секој што не можеше да покаже негативен резултат од тестот, не смееше да оди на работа две недели.

Слични содржини