Oдложено судењето за „Ласкарци“, не дојде вештото лице

од Nikola Popovski

Денеска се одложи судењето за случајот „Ласкарци“ откако во Основниот кривичен суд Скопје денеска не се појави вештото лице Зекирија Зекири. Тој известил дека поради здравствени причини нема да дојде на денешното насрочено рочиште.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

За несреќата обвинети се шест луѓе – сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, вработениот во фирмата Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски.

Несреќата кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово – Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот.

 

Слични содржини