ОФИЦИЈАЛНО: Арнаутовиќ казнет со еден натпревар

од Nikola Popovski

Марко Арнаутовиќ, фудбалерот на австриската репрезентација со српско потекло, беше суспендиран на еден натпревар на Европското првенство поради навредите што му ги упати на македонскиот фудбалер, Езѓан Алиоски.

Арнаутовиќ упати голем број пцовки кон Алиоски, но потоа му се извини.

„Имаше некои груби зборови и емоции, па сакам да им се извинам, особено на моите пријатели од Северна Македонија и Албанија. Би сакал јасно да кажам, јас не сум расист. Имам пријатели во сите земји и ја поддржувам различноста. Секој што ме познава е свесен за тоа“, изјави Арнаутовиќ пред два дена.

И Фудбалската федерација на Македонија побара казна.

„Фудбалскиот сојуз на Северна Македонија најостро го осудува националистичкиот излив на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ. Во исто време, би сакале да ве известиме дека испративме официјално писмо до УЕФА во кое бараме најстрога казна. Како „куќа на фудбалот“ секогаш сме против национализмот, дискриминацијата и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Ние секогаш ќе ги браниме интересите и достоинството на македонската репрезентација, каде и да играат“, се вели во соопштението на Федерацијата.

Етичката комисија тогаш донесе одлука да го суспендира Арнаутовиќ за еден натпревар на Европското првенство, кој ќе се одигра утре против Холандија во 21 часот.

Слични содржини