Омикронот се шири и кај прележаните

од Берта Китинска

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 2000 позитивни случаи од нив 267 се реинфекции.Покрај високиот број на новозаразени, битката со ковидот ја изгубија 35 лица.
Минатата недела биле пријавени 1.558 реинфекции или една четвртина од вкупниот број повторни заразувања. Тоа е скоро идентичен број во однос на претходната седмица. Од почетокот на пандемијата до денес, регистрирани се 6.494 реинфекции, што е 2,4 проценти од вкупниот број позитивни случаи во земјава, а од нив 17 се болни кои се разболеле по третпат.

Минатата недела биле тестирани се вкупно 38.518 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од два проценти во однос на претходната недела. Регистрирани сe 11.916 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 2,7% во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,8%, просечно 30,3%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.

Меѓу болните, најзастапени се возрасните групи над 60 години и од 30 до 39години. Најмал број е регистриран кај возрасната група до 9 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 11% кај возрасната група од 10-19 години, додека зголемување се забележува кај оние од 50- 59 години и над 60 години.

За една недела пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (48). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (12), 40-49 години (2) и 20-29 години (2).

Д-р Илир Демири од Инфективната Клиника и нов член на Комисијата за заразни болести денеска информира дека досега нема евидентирано пациент кој е починат од корона, а бил вакциниран и без коморбидитети.

-Сум сведок на многу пациенти без хронични болести и невакцинирани, а починаа. Омикрон е полесен во поголем дел од инфицираните, меѓутоа не заборавајте дека добар дел што лесно поминуваат се вакцинираните. Кај одредена популација кои не се вакцинирани, омикрон знае да биде со тешка клиничка манифестација, рече Демири на првата прес-конференција на реконструираната Комисија за заразни болести.

Тој апелира дека единствената мерка која би не заштитила да го поминеме ова полесно е вакцинацијата и тоа е наша обврска.
-Жално е пациент да живее во Скопје а да не е вакциниран. Навистина жално, вели д-р Демири.

Досега во земјата се направени вкупно 1.794.030 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 270.897, бројот на оздравени пациенти е 247.670, на починати е 8.444, а бројот на активни случаи изнесува 14.783.

Слични содржини