ООН: Луѓето повеќе конзумираат дрога откако започна пандемијата на Ковид-19

од Nikola Popovski

Пандемијата на коронавирус ја зголеми употребата на дрога и истовремено го охрабри илегалното одгледување афион, со последици што веројатно ќе се почувствуваат „со години“, предупредија денес од ООН.

„Пазарот на наркотици продолжи брзо по нарушувањето предизвикано на почетокот на пандемијата“, се вели во годишниот извештај на Канцеларијата на ООН за дрога и криминал (УНОДЦ).

Авганистан, кој произведува повеќе од 80 проценти од светскиот опиум, забележа скок од 37 проценти во одгледувањето афион и тоа честопати беше единствената опција за заработка на студенти или работници кои останале без работа поради коронавирусот.

Во извештајот се наведува дека коронавирусот ги потенцирал „нееднаквостите, сиромаштијата и психичките проблеми низ целиот свет“, што се фактори кои можат да поттикнат употреба на наркотични средства.

Минатата година околу 275 милиони луѓе ширум светот користеле некаков вид дрога, наспроти 269 милиони во 2018 година.

Повеќето земји пријавија зголемување на употребата на канабис за време на пандемијата, се вели во извештајот, истакнувајќи дека младите луѓе го доживуваат како помалку опасен за здравјето „и покрај доказите дека носи ризици“.

Употребата на некои фармацевтски производи исто така се зголеми, додека прекинот на ноќниот живот ја намали употребата на кокаин.

Меѓу неколку позитивни случувања, се наведува дека областа на плантажите со кока се намалила за пет проценти во 2019 година, благодарение на напорите на Колумбија, најголемиот светски производител на кокаин.

Извештајот се базира на информации собрани од ООН врз основа на одговорите доставени од земјите-членки, сопствени гранки, анализа на некои извори, медиуми и институционални извештаи.

Слични содржини