Општина Аеродром го донесе ДУП-от за Долно Лисиче

од Vladimir Zorba

Советот на Општина Аеродром на седницата што се одржа вчера го донесе деталниот урбанистички план што се однесува за поголемиот дел од населбата Лисиче што решава голем дел од комуналните и инфраструктурни проблеми на граѓаните од кои живеат во оваа населба и отвора можност за изградба на објекти од јавен интерес.

„Со усвојувањето на овој ДУП, Општина Аеродром е една од првите општини што носи детален урбанистички план за рурални средини кој предвидува можност за легализација и изградба на објекти за индивидуално домување (индивидуални куќи). Истиот е резултат на ангажманот на општинските служби и решеноста на раководството на општината да затвори еден од најважните проблеми на граѓаните“, велат од Општината.

„Со носењето на ДУП-от за овој дел од општината се отвора можност за легализација на веќе изградените објекти и изградба на легални објекти за индивидуално домување, како и регулирање на сопственоста на земјиштето, што пак е основ за забрзан инфраструктурен и економски развој на населеното место. Носењето на планот значи и планско градење, подобра инфраструктура и истиот отвора можност за изградба објекти од јавен интерес како детска градинка и спортска сала.

Освен носењето на деталниот урбанистички план, на иницијатива на Општина Аеродром, Советот на Град Скопје донесе одлука за намалување за 50 проценти на комуналиите за индивидуални објекти во овој дел од општината“, додаваат оттаму.

Слични содржини