Општина Аеродром најави кривична против инспекторите на Град Скопје: „Арсовска да не се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки“

од Nikola Popovski

Општина Аеродром ја нарече „непознавање на законите, ниско ниво на политичка култура и политичко ривалство“ казната која денеска ѝ беше пропишана од страна на инспекторите во Град Скопје. Сметаат дека ова е ниво на политичка омраза.

-Наводите наведени во денешната информација доставена во медиумите, се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје. Потенцираме дека, до овој момент до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзан со наводите наведени во соопштението до медиумите.  По евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска, велат од општината предводена од градоначалникот Тимчо Муцунски.

Општината бара „Арсовска своите правници и инспектори да ги упати на повторна едукација на Правниот факултет, каде ќе ги научат основни принципи за толкување на законот и изрекување прекршочна санкција“.

-Воедно, самата Арсовска наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до „нула“ , пополезно ќе биде да посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназијата во Аеродром, Мега паркот зад ФФМ и Иновацискиот парк зад кулите на Џевахир, порачуваат од Кабинетот на Муцунски.

Претходно беше објавено дека Инспекторатот за животна средина при Град Скопје изрекол парична казна за општината во висина од 88.000 евра поради исфрлање на отпад на јавна површина. Од Градот појаснуваат дека општина Аеродром преку компанијата “Пирамид Билдинг” ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП “Дрисла” го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на бул.АСНОМ со што направиле нова дива депонија.

Слични содржини