Општините „коваат“ планови за штедење: Ќе се исклучуваат светилките, дел од вработените ќе работат од дома

од Vladimir Zorba

Граѓаните добија препораки, а државните институции конкретни задолженија како да штедат од 1 септември.

За оние кои нема да ги почитуваат владините насоки ќе следат казни. Целта на новите мерки е да се намали потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто.

Општините веќе започнале со свои планови

Од Општина Центар во разговор за „Локално“, велат дека препораките од надлежните се спроведливи.

– Општина Центар е првата општина во државата која почна да ги следи препораките на владата. Изработката на планот за штедење на струја е во завршна фаза, а веќе одредени мерки се спроведуваат и на терен, како на пример исклучувањето на уличното осветлување на одредени локации и намалување на непродуктивните трошења за струја во општинските бараки (како на пример намалување на употреба на климатизери, исклучување на светла и воопшто, намалување на потрошувачка на електрична енергија). За другите мерки и планот за штедење, јавноста ќе биде навремено информирана во периодот што следи, велат од општината на Горан Герасимовски.

Тие посочуваат дека најголем трошок за електрична енергија имаат бараките на Општина Центар ,потоа основното училиште „Киро Глигоров“, „Димитар Миладинов“ и градинките „13ти ноември“ и „Кочо Рацин“.

– Општината заклучно со 31.07.2022 година нема долгови во однос на електрична енергија.Долговите на училиштата и градинките се подмируваат од сметката на блок дотациите и самофинансирачката сметка, а доколку е потребно општината со средства од својот буџет учествува во подмирување на истите, велат од Центар.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во изјава за „Локално“ вели дека во неговата општина од април месец се спроведени рестрикции.

-Проблемот со високите цени на електрична енергија, општина Карпош го воочи уште во април. И уште тогаш се воведоа рестрикции на уличното осветлување по системот „секоја втора“.На пример, и со вакво штедење, сметката за потрошена електрична енергија за улично осветлување за јули е 3,5 милиони денари, а истиот месец лани била 900.000 денари. Значи трошокот е четири пати поголем и затоа со цела сериозност му пристапуваме на проблемот, посочува Јакимовски.

Тој вели дека најголем долг за електрична енергија во општината имаат училиштата кои должат 5 милиони денари и за уличното осветлување 3,5 милиони денари, „значи вкупно 8,5 милиони денари долг“.

-Со ребалансот на буџетот сите училишта ќе ги преориентираме на лед светла, вработените во месните заедници декември јануари и февруари ќе работат од дома, (се мисли на оние каде што нема парно греење), правиме проект за поставување на фотоволтаици на училиштата и сите светилки ќе бидат заменети со лед светла и со соларни панели, вели Јакимовски.

„За да има пари Градот и граѓаните мора редовно да ги плаќаат давачките“

Поради енергетската криза градот Скопје претстави план за енергетско штедење со исклучување на сите непотребни потрошувачи на струја како на пример светлечки реклами и просториите во комуналните претпријатија.

Градоначалничката Данела Арсовска ветува дека улиците под надлежност на градот нема да бидат неосветлени, но не може да гарантира за оние во скопските општини, оти за нив биле надлежни тамошните градоначалници.

Како дел од мерките на Градот за справување со енергетската и економската криза ќе биде намалување до 70 проценти на интензитетот на уличните светлки, но не и нивно целосно гаснење.

-Нема под ниту едни услови да го исклучиме јавното осветлување на булеварите и улиците кои се под надлежност на Градот. Затоа ќе направиме сè што е можно да се намалат трошоците за струја, но не врз грб на граѓаните односно да се загрози нивната безбедност и сигурност. Како дел од мерките и препораките кои ги дадовме до јавните претпријатија и институции се да се приспособат системите на осветлување во одредени временски интервали, како и замена на осветлувањето со лед светилки. Ќе се ограничува осветлувањето на згради, фасади и реклами, а на нула ќе се сведат сите непродуктивни трошоци, рече Арсовска.

Таа кажа дека покрај тоа што Градот презел мерки за надминување на кризата, сепак и граѓаните треба да дадат свој придонес со тоа што редовно ќе ги плаќаат давачките кон Градот.

-Имаме голем број граѓани кои се недисциплинирани во плаќање на обврските кон Градот и јавните претпријатија, како што е данокот на имот и сите оние јавни давачки, кои се неопходни за да функционира еден град, смета градоначалничката.

Листа на препораки за општините и градот Скопје

Од Владата веќе излегоа со препораки за раководните лица во општините и градот Скопје и јавните претпријатија на општинско ниво:

– Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици

– Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина

– Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени

– Општините и градот Скопје, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо.

– Општините и градот Скопје целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период после работно време.

– Да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.

– Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима уредите во работните простории.

– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот.

– Да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енерегија.

– Доколку има финансиски средства на располагање да се размисли да се инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност во смисла промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирање во фотоволтаични системи.

– Од редот на своите вработени да опоределат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено после завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 % споредено со истиот месец од минатата година.

Препораки за однесување на вработените во општините и градот Скопје и јавните претпријатија на општинско ниво:

– Користење на скали наместо лифт, доколку е соодветно, за да се намали потрошувачката на енергија,

– Кратко и интензивно проветрување на просториите – во зима проветрување пред да се напушти канцеларијата, а во лето рано наутро кога воздухот надвор е свеж.

– Исклучување на светилките кога се напушта просторијата или може да се користи дневна светлина.

– Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што е неопходно.

– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата.

Б.М.

Слични содржини