Орбан: Враќањето на Трамп е единствената сериозна шанса да се стави крај на војната во Украина

од Vladimir Zorba

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека следната недела ќе го посети поранешниот американски претседател Доналд Трамп на Флорида и го опиша можното враќање на Трамп на претседателската функција како „единствена сериозна шанса“ да се стави крај на војната во Украина.

Говорејќи на Дипломатскиот форум во Турција, Орбан исто така посочи дека евентуалното враќање на Трамп во Белата куќа може да помогне да се стави крај на конфликтот во Газа, пренесе АП.

– Единствената сериозна шанса за мир постои ако се врати и постигне мир – рече Орбан на форумот.

Тој посочи дека во спротивно војната меѓу Украина и Русија ќе биде долга.

Враќањето на Трамп „е предуслов за силен и брз мир на европскиот континент“, додаде тој.

Орбан рече дека е убеден дека војната во Украина „немаше да се случи сега“ доколку Трамп беше на функцијата кога започна војната.

Коментирајќи ја војната во Газа, унгарскиот премиер изјави дека Трамп го „разбира“ овој конфликт.

– Тој направи нешто што создаде надеж – рече Орбан во однос на договорот на Абрахам, кој имаше за цел да ги нормализира односите меѓу Израел и земјите од Персискиот залив.

Според американската агенција АП, Орбан и Трамп се долгогодишни сојузници и поранешниот американски претседател редовно го фали во неговите предизборни говори.

Двајцата се состанаа во август 2022 година во Бедминстер, Њу Џерси, во голф-клубот на Трамп, кога Орбан отпатува во САД за да зборува на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во Тексас.

Во април 2023 година, кога беа покренати обвиненија за првиот од четирите кривични случаи на Трамп, Орбан објави порака за поддршка на Трамп, повикувајќи го „да продолжи да се бори“. На почетокот на 2022 година, Трамп рече дека дава „целосна поддршка“ на кампањата за реизбор на Орбан таа година.

Слични содржини