Османи и Димитров остварија работна средба со Борел: Фокусот е да се отпочнат преговорите на С.Македонија со ЕУ

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи и вицепремиерот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денес во рамки на агендата остварија работна средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставик за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Средбата главно имаше фокус на иднината на политиката за прширување, особено во рамки на усвојувањето на новата Методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион.

Нашите дипломати ја поздравија поддршката од Борел, во поглед на перспективата на регионот, и за иницијативата на обезбедување на мир, ставилност и просперитет во земјите дел од Западен Балкан. Исто така, изразија позитивен став во однос на придонесот на земјите членки на ЕУ за отворање на преговорите со ЕУ, и усвојувањето на ваквата одлука.

На средбата беше подвлечен фактот дека Северна Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите – целосно интегрирање на Западниот Балкан за конечно комплетирање на Унијата.

Од друга страна, Димитров и Османи посочија дека С.Македонија останува на патот на евроинтеграциите со реформските процеси кои се иницираат, се со цел да се задржи позитивното досие за нашата земја во Унијата.

Од страна на ВП Борел беше поздравено високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Средбата на Димитров и Османи со Борел доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и во таа насока соговорниците се согласија дека започнувањето на преговорите со Северна Македонија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион.

Слични содржини