Османи: Комуникацијата со Бугарија мора да биде постојана, ќе ги активираме секторските работни групи

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска порача дека комуникацијата со Република Бугарија мора да биде постојана и интензивна.

„Колку повеќе оставаме простор без комуникација, некој друг влегува во таа комуникација и ја киднапира агендата и не одвраќа од траекторијата која сме ја исцртале од јули годинава. Се договоривме веднаш да ги активираме секторските работни групи затоа што идната недела тим од двете министерства ќе направи календар за фиксни средби на секторските работни групи, петте групи кои беа формирани уште на почетокот на годината. Ќе се состануваат еднаш месечно за да одржат постојана комуникација, постојано следење на акциските планови во делот на соработката“, рече Османи на денешната средба со медиумите.

Османи информира дека за еден настан уште веднаш се договориле со неговиот бугарски колега Николај Милков, а останатиот календар, како што рече, тимовите ќе го подготват следната недела. Информира дека ги одредиле луѓето кои од нашето и од бугарското МНР ќе се сретнат онлајн оваа недела за да го утврдат календарот.

На средбата со медиумите, Османи се осврна на работната посета на Бугарија на почетокот на неделава која ја оцени како многу важна. Информираше за остварените средби во Софија, со премиерот Галаб Донев, со бугарскиот министер за надворешни работи Милков и средбите со речиси сите лидери на парламетарните политички партии во Република Бугарија.

„Целта беше не само одржување на нормална комуникација, враќање на агендата, но и еден тип на превентивна дипломатија затоа што почнаа да не ми се допаѓа трендот и динамиката на односите со Република Бугарија, посебно по големиот исчекор кој го направивме во јули оваа година. Бидејќи таму нема политичка влада сакав да се видам и со службената, но и со политичките партии“, рече Османи.

 

Слични содржини