Отец Бобан: Се уште важи повелбата според која ќе се казнуваат свештениците од Скопската епархија кои ќе ги благословуваат бадникарските огнови

од Nikola Popovski

Граѓаните не треба да продолжат да го практикуваат обичајот со палење коледарски огнови во населбите, вечерта пред Бадник, вели во разговор за „Локално“, Отец Бобан Митевски од Скопската епархија при МПЦ. Како што истакнува, покрај теолошката неоправданост на ваквата традиција, дополнителен аргумент да не се практикуваат бадниковите огнови е и состојбата со загаденоста на воздухот, но и етичкиот момент.

-Кога ќе размислиме и тоа е поврзано со етичко-аскетскиот и богословски момент. Имено, во време на пост, се предаваме на конзумеризам, на една опуштеност, а постот е лишување и воздржание. Не сме во храмот и на богослужението, туку надвор и правиме супститут на тоа што има смисла со нешто во лија содржина воопшто не се сретнува или говори за Христос. Апелот останува – да се напуштат традициите на огнови по маалата, плоштадите и сл., а да се собираме во храмот, дециден е Отецот.

Околку потпишаната повелба со која им се забрануваше на свештениците од скопската епархија на Бадник да присуствуваат и да ги благословуваат бадникарските огнови и се најавуваше казни за оние кои нема да ја почитуваат, Отецот посочува дека таа е се уште актуелна.

-Одлуката на Неговото блаженство, Архиепискипот охридски и македонски г. г. Стефан, како надлежен на Скопската епархија, е актуелна од нејзиното донесување. Мислам дека од оваа временска дистанца многумина ја увидоа нејзината оправданост и логичност. Сметам дека треба да бидеме сега поупорни во усната проповед, во разговорите со верниците, да укажуваме на тоа дека традицијата со огнови на секој агол од градовите не е православна. Гледам дека и по другите градови и епархии има апели да се напушти оваа традиција, укажува свештеното лице.

Отец Бобан се согласува со дел од јавноста дека е подобро дрвјата што се горат и храната и пијалоците што се конзумираат да бидат дадени на луѓе на кои што навистина им е потребно.

-Меѓу другото, Божик оособено ја нагласува жртвата за другиот, добродетелноста, што е согледано во самото вооплотување и раѓање на Спасителот, Господ Исус Христос. Самото Евангелие вели: “А Бог толку го возљуби светот, што го испрати и Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен”. Ете ја пораката на љубовта за овие празнувања, која е осмислена преку воспоставувањето на правдата и на мирот. Нашата вера е длотворна, по зборовите на апостолот: “А верата без добро дела е мртва!” Која е смислата јас да стојам покрај некој оган, исполнувајќи некаква си навидна верска традиција и со тоа да го задоволувам своето верско чувство, а знам дека тој оган може со тие дрва да гори во нечиј дом цел месец? Ние не можеме да помогнеме секому, но зошто да не се потрудиме – па заради нашиот труд Бог да ја надополни нашата немоќ, истакнува соговорникот околу палењето на бадникарските огнови.

Н.П.

Слични содржини