ОВА Е НОВАТА КОКАИН-ПРЕСТОЛНИНА НА ЕВРОПА: Балканска мафија во главна улога

од Nikola Popovski

Белгија неодамна стана европски центар на шверцот на кокаин. 40 отсто од сите заплени кокаин во Европа се во Антверпен, бидејќи ова белгиско пристаниште стана влезна точка за јужноамериканскиот кокаин.

Но, клучна улога во овој нелегален бизнис имаат криминалните организации од Западен Балкан, тврди „Економист“, кој направи репортажа за тоа.

Количината на запленета дрога во Европа постојано се зголемува. Само во Антверпен минатата година биле запрени 80 тони кокаин, а во 2016 година бил само 30 тони. Последиците од ова се корупцијата на локалните и националните функционери и насилството на улиците.

Во јуни 2020 година, полицијата пронашла контејнер со специјални алатки и комора за мачење опремена со стол за забар и звучна изолација, како и лажни полициски униформи и автоматско оружје, во областа Антверпен.

-Ваквите откритија се застрашувачки бидејќи ги откриваат потенцијалите и можностите на криминалните организации – изјави Кристијан Вандерваерен, директор на белгиската царина.

Кокаинот најчесто се крие меѓу бананите во контејнерите кои пристигнуваат од Колумбија. Како евтино и ефикасно средство за транспорт на стоки, контејнерите за транспорт се основата на меѓународната трговија. Од истата причина, тие се интересни и за организираниот криминал.

Во текот на 2021 година во Белгија се запленети 101 тон кокаин, а Холандија е на второто место по заплени во Европската унија со 80 тони. Сепак, полициските служби сметаат дека е запленета само околу 10 отсто од вкупната количина кокаин што влегува на европскиот пазар.

– Бизнис моделот на шверцери се сведува на испраќање на големо количество дрога во многу контејнери. Свесни се дека ќе загубат од 10 до 20 проценти, но останатото ќе помине – вели Вандерварен.

Криминалните организации ја прифаќаат оваа загуба и продолжуваат да го користат Антверпен, второто по големина пристаниште во Европа, поради неговата развиена инфраструктура и способноста за брза дистрибуција на кокаин низ Европа. Имено, нелегалните пазари често функционираат исто како и легалните

Зошто шверцуваат дрога во банани?

Просечно годишно низ Антверпен минуваат 12 милиони контејнери, а само два отсто подлежат на детална царинска проверка. Затоа, можностите за шверц на дрога преку ова пристаниште се речиси неограничени.

-Бананите се многу популарен начин за шверц на кокаин од Латинска Америка во Европа поради две причини. Бананите се главниот извозен производ од Латинска Америка и тие брзо се расипуваат, така што има постојан притисок брзо да дојде до потрошувачите – вели Фатјона Мејдини, директорка за Југоисточна Европа во Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

Антверпен е популарно и профитабилно пристаниште главно затоа што брзо истоварува стоки од бродови и ги испраќа на полиците на продавниците. Невозможно е да се прегледаат милиони контејнери и криминалците се свесни за тоа. Затоа пристаништето во Антверпен е идеално за шверц на кокаин, амфетамини и фалсификувани супстанции на европските пазари. Употребата на овие производи постојано се зголемува, па Европа неодамна стана попрофитабилен пазар од Америка.

– Цената на кокаинот во Европа е повисока отколку во САД, има помала конкуренција и помал ризик – изјави за „Економист“ Џереми Мекдермот од истражувачката организација „InSight Crime“.

Балканска мафија

Многу европски мафијашки групи го најдоа својот интерес за овие факти и ја презедоа контролата врз дистрибуцијата. Мафијашките организации од балканските земји како Албанија, Хрватска и Босна и Херцеговина се особено познати по нивната ефикасност и насилни методи. Настаните од војната и економската ситуација на Балканот свртеа многумина кон криминал.

-Балканските мафии ги искористија насилните искуства, толеранцијата за насилство и достапноста на оружјето, како и познавањето на странски јазици. Криминалните организации од Западен Балкан се покажаа како многу успешни, вели Волтер Кемп, директор за глобална стратегија во Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

-Балканските мафии развија одредени вештини кои им овозможија, по шверцот на хероин и цигари, одгледувањето канабис и криумчарењето луѓе, да се посветат на попрофитабилен бизнис, како што е шверцот на кокаин, објаснува Кемп.

Нови шверцерски канали

Балканските криминални организации отворија дури и нови шверцерски канали. Во минатото, дрогата од Колумбија пристигнуваше во Европа преку пристаништата на Медитеранот, но балканските мафијаши воспоставија нови контакти и центри во други јужноамерикански земји, како што е Еквадор, а сега испраќаат кокаин директно во северноевропските пристаништа. Овие криминални организации ја презедоа контролата врз целиот синџир на шверц и на тој начин го зголемија својот профит.

– Главниот извор на приход во кокаинската индустрија веќе не е уличната продажба или производството, туку транспортот. Профитот од производството е околу 150 отсто, профитот во малопродажбата е 300 отсто, но профитот од транспортот на кокаин достигнува и до 1500 отсто – објасни Мекдермот.

За разлика од легалните бизнисмени, шверцерите можат да користат насилство за да ја обезбедат испораката на нивната стока, а можат да се свртат и кон корупција. Тоа најдобро го покажува примерот на албанскиот наркобос Дритан Реџепи.

– Реџепи без сомнение е успешен модел на балкански мафијаш во Латинска Америка. Се верува дека тој пристигнал во Еквадор во 2011 година по бегството од белгиски затвор – изјави Мејдини.

Три години подоцна бил уапсен во Еквадор, но тоа не го спречило да управува со многу профитабилна империја на кокаин. Со стекнатото богатство поткупувал функционери не само во земјите од Латинска Америка, туку и во Европа.

– Превозот на кокаин до Антверпен ги чини криминалните организации и до 24 отсто од вредноста на стоката. Толку им чини поткупот, а останатото доаѓа на пазар – вели Артан Хоѓа, албански истражувачки новинар.

Зголемениот профит им овозможи на мафијашите да плаќаат повеликодушен мито. Ваквите активности обично се поврзуваат со посиромашните земји, но сè почести се и во западноевропските земји.

Слични содржини