Папата Франциск: Легитимно е да се снабдува Украина со оружје, бидејќи самоодбраната е легитимна

од Stefanija Kuzmanovska

Папата Франциск вчера изјави дека е легитимно да ѝ се доставува оружје на Украина за да се одбрани од руската агресија.

„Самоодбраната е легитимна, а дијалогот секогаш треба да се нуди, дури и на агресорот, бидејќи тоа значи отворање на единствената разумна врата за мир“, рече папата.

Во 45-минутната прес-конференција во авионот со кој се враќаше од Казахстан, каде што учествуваше на Конгресот на лидерите на светските и традиционалните религии, папата одговори на прашањето дали е морално исправно земјите да испраќаат оружје во Украина.

„Тоа е политичка одлука која може да биде морална, морално прифатлива“, рече тој.

Тој ги објасни принципите на Римокатоличката црква за „праведна војна“ која дозволува пропорционална употреба на смртоносно оружје во самоодбрана против агресорската нација.

„Самоодбраната не е само легална, туку е и израз на љубов кон татковината. Оние кои бранат нешто, тоа и го сакаат“, рече папата.

Украина треба да преговара со земјата што ја нападна, иако „секогаш е тешко со земјата што ја започна војната“, рече тој.

„Не би исклучил дијалог со која било сила која е во војна, па дури и со агресорот… Некогаш треба да започнете таков дијалог. Тоа го правите со затнување на носот, но морате. Дијалогот е секогаш чекор напред, рацете испружени, секогаш. Во спротивно, ја затвораме единствената разумна врата за мир. Понекогаш (агресорот) не прифаќа дијалог. Штета. Меѓутоа, дијалогот секогаш треба да се води или барем да се нуди, а тоа му прави добро на оној што го нуди“, рече папата Франциск.

Слични содржини