Паркинг места на зградите – Пониски комуналии, идентично високи цени за купување

од Aleksandar Todeski

Урбанистичкиот хаос кој повеќе од една деценија ги масовно ги окупира градовите ги наполни банкарските сметки на градежните компании. И додека во поодамнешното минато тоа се случуваше постепено, последната декада згради се градеа без да се земе предвид урбанизмот. Оние општини кои се најатрактивни за компаниите даваа дозволи за градби буквално до самата улица, а хаосите се зголемуваа со секој изменет Детален урбанистички план.

Сепак, најважни за „градежниот бум“ не се потребите на граѓаните. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните кои се одлучуваат за купување на нов стан и натаму останува паркинг просторот, за кој сумите се бесмислено големи.

Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање овој проблем го третира како послободна ставка, што на крајот е во корист на градежните компании, а не на граѓаните. Во него е наведено дека за станбени згради во центарални градски подрачја задолжително треба да има едно паркинг место по станбена единица, а вон центарални градски подрачја, задолжително е да има по едно паркинг место на 80 м2 од вкупно изградената станбена површина.

Правилникот, иако предвидува дека мора да има паркинг места, е либерален во однос на тоа дали градежните фирми треба или не да ги наплаќаат паркинг местата. Од Општина Карпош, една од скопските општини во која се изградија најмногу згради, а чиј поранешен градоначалник, Стевчо Јакимовски беше обвинуван дека дозволил масовна бетонизација, за Локално појаснуваат дека волја на инвеститорот е дали паркинг местото ќе го продава или ќе го дава без надомест.

„Во согласност со Законот за градење, се носат правилници од страна на Министерството за транспорт и врски (Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање), за секој ДУП има посебен правилник, во кој се предвидува запазување на паркинг места по станбена единица. Обезбедувањето на паркинг места без надомест законски не е регулирано и зависи од волјата на инвестирот, дали паркинг местото ќе го продава или ќе го дава без надомест“, велат од општината.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски во изјава за Локално појасни дека градежните компании плаќаат комуналии за секој дел од градбата, но сумата е различна.

„Има различни суми за откупувањето на просторот, во зависност дали се работи за откуп на државно земјиште и дали се работи за обештетување на граѓани чиј имот го откупувале инвеститорите. Сумата за комуналиите за подземни паркинг места во зградите се движи од 10 до 20%, во зависност од тоа како и каде е купено земјиштето“, рече Пановски.

Тој истакна дека сумата која градежнинте фирми ја плаќаат за комуналии е различна, во звисност од тоа дали се работи за тераса, самите станови и паркинзите, кои мора да ги имаат зградите.

И додека се остава слободата градежните фирми да одберат дали паркинг местата ќе ги наплаќаат или ќе ги дадат без надомест, нивната најчесто е паркинг местото да се наплаќа со сума по метар квадратен идентична како онаа за становите, иако комуналиите кои се плаќаат за паркинг местата се далеку пониски отколку за самиот стан.

Во квадратурата за станот која се плаќа по метар квадратен, фирмите ја вклучуваат и терасата, иако сумите за комуналии за терасите, како и за паркинг местата се пониски.

Александар Тодески

Слични содржини