Пендаровски: Македонските Бугари џабе го губат времето зборувајќи со Брисел и Стразбур

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски смета дека односите меѓу Скопје и Софија во последно време се влошуваат.

-Имавме извесно смирување после прифаќањето на преговарачката рамка. За жал, роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите. Ние на 4-ти февруари како држава го положивме испитот и покажавме како една европска држава треба да се однесува со почитување на правата на луѓето да оддадат почит на големиот револуционер и да се изолираат сите кои предизвикуваат инциденти. Сите оние сакаа да влезат во РСМ го направија тоа и им беше овозможено да отидат на гробот на Гоце Делчев. Оние кои се обидоа да ја нападнат полицијата, заработија депортација и прекршочна казна. Сите европски држави го прават тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еден граѓанин на Бугарија на кој му било одбиено да влезе во нашата земја и да оддаде почит, освен оние кои правеа проблеми, вели Пендаровски како одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата со унгарската претседателка Каталин Новак.

Во однос на средбите на претставниците на македонските Бугари со еврокомесарот Оливер Вархеји и со државниот политички врв во Софија, Пендаровски вели дека „не можат да разберат од самиот почеток дека и од билатералниот договор и според сите меѓународни прописи, државјаните на РСМ треба да се обраќаат и да ги бараат своите права од македонските институции, ако сметаат дека им се загрозени“.

-За жал, тие тргнаа по обратниот пат и тоа е погрешен. Но тоа не значи дека ние нема да ги сервисираме нивните потреби, меѓутоа мислам дека џабе го губат времето зборувајќи со европските институции и судот во Стразбур, а притоа да не се реферирале или да побарале поддршка барем тука во Скопје, додаде Пендаровски.

 

Слични содржини