Пендаровски на средба со Борисов: Политичарите да им овозможат на историчарите успешно да ги завршат обврските во рамки на Комисијата

од Vladimir Zorba

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов.

На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што е констатирано дека Северна Македонија и Бугарија се посветени кон јакнење на добрососедските односи и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Заедничкото претседавање со Берлинскиот процес, било констатирано на средбата, претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и посилна улога на двете држави во регионалните прашања.

Двајцата соговорници констатирале дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија внесе позитивна динамика во севкупните билатерални односи, а со неговото потпишување во 2017 година двете држави дадоа позитивен пример за надминување на останатите отворени прашања во регионот.

Политичкиот дијалог се реализира на највисоко ниво, а постигнат е значителен напредок во соработката на двете држави во економијата, туризмот, транспортот и комуникацијата, животната средина, културата, образованието и одбраната, заклучено е на средбата.

Пендаровски изразил уверување за натамошна добра работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како обврска произлезена од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Истовремено, претседателот повика на воздржаност од политичките водства на двете држави, со цел да им се овозможи на историчарите успешно да ги завршат обврските во рамки на комисијата.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за севкупната поддршка од Република Бугарија за аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, Пендаровски го реафирмирал очекувањето дека Република Северна Македонија во октомври ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија. Тој посочи дека Република Северна Македонија вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакна дека државата ќе продолжи со реализацијата на реформската агенда во пресрет на очекуваната одлука на Европскиот Совет за почеток на пристапните преговори.

Слични содржини