Пендаровски: Последниот потпишан документ на Трајковски беше барањето за членство во ЕУ

од Nikola Popovski

Последниот документ што го потпиша претседателот Трајковски, заедно со тогашниот премиер Црвенковски, беше барањето на Република Македонија за членство во Европската Унија. Тоа за него беше приоритет над приоритетите, изјави синоќа претседателот Стево Пендаровски на комеморативниот концерт по повод 20 години од смртта на вториот претседател на независна Македонија, Борис Трајковски.

Според Пендаровски, Трајковски беше свесен дека евроинтеграцијата е потфат што надминува еден мандат и дека целта не се постигнува само со формално усвојување на европското законодавство, туку со прифаќање на европските вредности, со промена на менталитетот на луѓето, со јакнење на граѓанскиот сектор, со независно и ефикасно судство, со функционални и отчетни институции, со владеење на правото.

-Тоа писмо до Европската Унија е политичкиот тестамент на Борис Трајковски, меѓутоа, реализацијата на таа цел е задача на нашата генерација од која зависи дали, како што велеше „ќе одиме по патот на напредокот или ќе продолжиме со навиката да го крпиме животот од денес до утре, да чекаме проблемите да се решаваат сами или да ни ги решава некој друг“, порача Пендаровски.

Шефот на државата е длабоко убеден дека огромно мнозинство македонски граѓани сакаат да учествуваат во националниот проект со стратешки димензии преку којшто Северна Македонија ќе биде функционална правна држава во која ќе има услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките на 21-от век, за економски раст, дигитален развој и здрава животна средина.

Вчера Пендаровски, по повод одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Босна и Херцеговина, положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

Слични содржини