Петти ден од протестите: Пиштол вперен кон толпата ги вжешти партиските препукувања

од Берта Китинска

Петтиот ден од протестите го одбележаа инциденти кај плоштадот Скендербег.

Кај ТЦ Мавровска, имаше инцидент кога група луѓе почна да гаѓа со тврди предмети кон демонстрантите. На ова реагираше полицијата која го обезбедуваше протестот.
Инцидент имаше и пред Собранието кога група демонстранти се судри со редарите кои спречуваа да се фрлаат камења кон зградата на Собранието и врз полицијата.

Се слушна и пукотница.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вечерва на вонредна прес-конференција рече дека веќе подолго време добива информации дека се подготвува негова елиминација. Порачувајќи дека не се плаши и дека ќе оди до крај, тој оцени дека вечерва се случил тежок инцидент, кој е класична полициска монтажа, чија цел била или убиство на некој недолжен граѓанин или пак негово убиство. Побара лицето коешто вперило пиштол кон народот и кон него да одговара за кривичното дело.
„Подолг период добивам неформални информации за моја елиминација која ја нарачува власта. Не придавав на значење, но вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат. Полицијата ја немаше. Мистериозно се појави група од десетина луѓе кои беа вооружени“, вели Мицкоски.

Министерството за внатрешни работи ги демантираше тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, полицијата била на лице место и веднаш интервенирала за да го спречи насилството.
Полицијата веќе го приведе 40-годишниот Енуз Јусуф Цуфи, член на Алијансата за Албанците за кого што Мицкоски посочи дека држел пиштол во рацете. „Секој што се огрешил треба да одговара. И родена сестра да ми е, ако сторила криминал ќе одговара“, вели Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за политичката припадност на лицето кое што пукаше вечерва, а е активист на партија која што е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски е режисер на неуспешното сценарио

Мицкоски не е никаква жртва туку режисер на крваво сценарио. Крваво сценарио на Мицкоски и неговите коалициски партнери Левица и Алијанса, крваво сценарио кое не успеа. Мицкоски не беше вечерва мета туку ја одигра најлошата улога за државата и за граѓанитe, соопшти вечерва портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски за инцидентите што се случија кај споменикот „Скендербег“.

Каевски го прикажа на фотографии човекот „за којшто Мицкоски според нивното крваво сценарио требаше да глуми негов напаѓач, Цуфи Кока“.

Град Скопје преку соопштение информира дека Зуди Енузи е разрешен од позицијата вршител на должноста директор на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“.

Ова доаѓа по информацијата дека неговиот брат Цуфи Кока е лицето од фотографијата кое е со пиштол на плоштадот Скендер Бег за време на денешните протести.

-Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите. И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие ‘Комунална Хигиена’ од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалничката на Скопје.

Слични содржини