Почна пресметката во ДУИ преку анкети: „Ако има вистински раскол, тогаш ќе има нова партија“

од Nikola Popovski

Иако до следните редовни парламентарни избори, има уште речиси година дена, се редат анкети за јавното мислење околу тоа во кого граѓаните имаат најголема доверба.

Најпрвин ИПИС излезе со истражување според кое ВМРО-ДПМНЕ има поголем рејтинг од СДСМ и ДУИ. Во него стои дека заедничката листа на коалицијата СДСМ и ДУИ има доверба од 16,7 %, а најголемата опозициска партија од 21,7 % од испитаните граѓани. Интересно е што според резултатите на ИПИС, „заедничката листа на БЕСА, Алтернатива и Огнената група би имала само 4,7 проценти поддршка на следните избори“. После само два дена излезе уште една слична анкета .

Според истражувањето на јавното мислење што го спровело Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“ речиси една третина од испитаниците, односно 31,7 отсто би гласале за „огнената“ група од ДУИ, а 66,6 проценти за ДУИ под водство на Али Ахмети. ДУИ и понатаму е партијата со најмногу  поддржувачи, за неа се изјасниле 30,8 отсто, за Алијанса за Албанците 14,9 отсто, за Беса 9,6 отсто, за Алтернатива 2 отсто, за ДПА 0,3 отсто, додека за СДСМ би гласале 1,6 проценти од Албанците, а за ВМРО-ДПМНЕ само 0,1 процент, наведуваат од Институтот.

Бесим Небиу

Се поставува прашањето дали почнува битката за гласовите преку анкети? Според дел од експертите, ова не е за да се измери расположението на гласачите. Политичкиот аналитичар Бесим Небиу во разговор за „Локално“ вели дека циркулираат разни анкети кои треба да создадат нова политичка атмосфера и позиционирање на партиите.

-Иако е извесно дека рејтингот на ДПМНЕ е повисок од оној на СДСМ, бидејќи тоа го потврдуваат и самите, нејасно е колкава е предноста. Се разбира СДСМ од позиција на власт, преку буџетот, но и темата евроинтеграции ќе се обиде да ја намали таа предност на опозицијата, оценува Небиу.

Според него, со резерва треба да се земат и резултатите од истражувањето за соодносот меѓу „Огнената група“ и раководството на ДУИ.

-Ова е посебно бидејќи процесот на отцепување е состојба во тек, и постои дезориентација на гласачите на оваа партија. Секако партиите прават и интерни анкети, кои најчесто не ги ни објавуваат, а кои се користат за партиски стратегии и позиционирање, порачува Небиу.

Поранешниот пратеник Зуди Џелили смета дека надворешните институти кои реализираат вакви анкети се попрецизни.

Зуди Џелили

-Обично рејтингот на партиите се мери преку анкетите што ги реализират одредени институти кои се внатрешни и се помалце доверливи или надворешни кои се по прецизни. Се случува анкетите да бидат вистински реализирани, но има можност и да се нарачани од одредени партии, вели тој за „Локално“.

Порачува дека ова можеби се користи во пресрет на евентуалните уставни измени кои би требало да се случат во Собранието.

-Изборите се уште далеку, но уставните промени се наредната задача што треба да се реализира. Можеби овој момент го користат партиите за да ги одмерат своите сили, потенцира Џелили.

Тој ги коментира и случувањата во ДУИ и внатрепартиската војна и рејтинг.

-Бидејќи „Огнените“ се вратија дома, после толкава кампања на терен, со многу обвинувања за слабо владеење на нивните сопартици, беа присутни на состанок на центраниот комитет на ДУИ, каде Артан Груби рече нема „Огнени“, вели тој.

Според него, оваа игра, ако е навистина игра, ќе има негативен ефект за ДУИ.

-Во спротивно ако има вистински раскол, тогаш ќе има нова партија, посочува поранешниот пратеник.

Н.П.

Слични содржини