Почна третата фаза на ублажување на мерките во Италија

од Vladimir Zorba

Третата фаза на ублажување на мерките во борбата против коронавирусот започна во понеделникот во Италија, а се отвораат кина, театри, концертни сали и летни центри за деца, пренесува агенцијата Хина, повикувајќи се на италијанските медиуми.

Во некои региони, на посетителите ќе им биде дозволено да се вратат во дискотеки, но без танцување. Нема да има задолжително растојание помеѓу патниците на авионите, што значи дека ќе се продаваат билети за сите места, додека рачниот багаж сепак ќе биде забранет, пишува Кориере Дела Сера.

По повеќе од три месеци од блокадата, дозволени се собири на поголем број луѓе – до 1.000 на отворено и до 200 на затворено.

Во кината и театрите ќе седат според претходно утврдени распореди, а за концерти растојанието помеѓу музичарите е еден метар и два метра меѓу диригентот и оркестарот. Слични правила на дистанцирање ќе се применуваат и за хоровите, а уметниците ќе треба да доаѓаат од дома во сценски носии.

Во летните центри за деца е пропишан максимален број на деца на секое возрасно лице.

Маски мора да се носат во Ломбардија, италијанската покраина најмногу погодена од вирусот, до 30 јуни, а мерењето на температурата е задолжително и за вработените во рестораните и за посетителите.

Во Венето, дискотеки, настани на отворено, конгреси, саеми и казина се отвораат на 19 јуни.

Најзафатениот италијански аеродром во Милано е полн со патници од понеделникот.

Во Италија 237.000 луѓе се разболеле од КОВИД-19, а починале 34.345 лица.

Слични содржини