Почнува чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС

од Nikola Popovski

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денес го потпишa Решението за одобрување на Планот за ремедијација на локалитетот на ОХИС АД Скопје, со што ќе можат да започнат активностите за отстранување на линданот и на почвата контаминирана со линдан од малата депонија.

„ Министерството за животна средина и просторно планирање во изминатиот период ги спроведе сите подготвителни активности за финализирање на Планот за ремедијација со УНИДО и на меѓународен тендер избраната фирма Полиеко, за безбедно чистење и ремедијација на малата депонија со опасниот историски отпад линдан, како и за дефинирање на временската рамка на изведбените работи“ соопшти министерството.

Во постапката се издавање на две дозволи за извоз на опасен отпад од страна на МЖСПП, согласно Базелска Конвенција – за во Франција каде ќе се извезе линданот и за во Холандија каде ќе се извезе контаминираната земја под линданот. Според временската рамка предвидено е процесот на отстранување на дел од малата депонија, да заврши до почетокот на наредната годината доколку дозволат условите со пандемијата, при што би се отстраниле првите количини (~ 700 тони) на почва контаминирана со HCH и чист HCH отпад.

На вчерашната седница Владата донесе Решение за одобрување на план за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и со заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на АД „ОХИС“-Скопје.

„Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако УНИДО, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности ‘Полиеко’ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД ‘ОХИС’- Скопје“, се вели во соопштението на Владата.

Инаку, оваа локација е на врвот на листата со т.н. жешки еколошки точки, направена уште во 2005 година. Инвентарот дојде по декади индустријализација, засилено експоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија загадени локалитети и депонии.

Слични содржини