Поддршка од Словенија во спроведување на финансиските истраги

од Nikola Popovski

Со серија консултации и работилници кои се одржаа во периодот од 18 до 23 декември во Скопје и Дојран се заокружија активностите за 2023 година во рамките на проектот „Поддршка за Поглавјето 24 – Финансиски истраги“, кои овозможуваат размена на најдобри практики меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, заемни обуки и јакнење на капацитетите кои придонесуваат за развој на процедурите за борба против организиран криминал и корупција, со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги. Овие активности се финансирани од словенечкото Министерство за надворешни и европски прашања преку Меѓународната програма за развојна соработка, а во нивната имплементација се вклучени Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и полицијата на Република Словенија.

На консултациите кои се одржаа во Основното јавно обвинителство Скопје учествуваа и претставници на Царинската управа и на Министерството за внатрешни работи. На нив, заедно со јавен обвинител од Специјализираното јавно обвинителство на Република Словенија, експерт за економски, даночен и криминал во јавниот сектор од словенечкиот Директорат за криминалистичка полиција, како и словенечки експерт за процена и пресметка незаконски стекнат имот, беа разгледани конкретни прашања со кои се соочуваат македонските јавни обвинители и истражни органи во тековните финансиски истраги. Консултациите овозможија длабинска анализа и разработка на можностите за успешна реализација на започнатите финансиски истраги со цел конфискација на незаконски стекнатиот имот.

Проектот „Поддршка за Поглавјето 24 – Финансиски истраги“ кој се реализира со поддршка од Република Словенија е исклучително важен за Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и за останатите институции во нашата земја вклучени во спроведување на финансиските истраги. Овој проект, во рамките на кој се планирани активности и во текот на 2024 година, значително влијае на зголемување на брзината и ефикасноста на финансиските истраги кои ги спроведуваат македонските институции.

Слични содржини