Поднесена иницијатива до ОЈО за кривично гонење на Исмаили, Гаши вели дека е чист како солза

од Берта Китинска

Номинираниот кандидат од Алтернатива за потпретседател на Собранието е осомничен од Антикорупциска дека како поранешен министер за култура постапувал незаконски и создал обврски за Буџетот од 33 милиони денари.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) информираше дека до Основното јавно обвинителство е поднесена иницијативата за понатамошно постапување за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Поранешниот министер постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување на буџети за 2020 година со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс договори и со тоа создал обврски за Буџетот за 2020 година на Министерството за култура од над 33 милиони денари.

– Со Законот за буџети се предвидува дека буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или се направат расходи над одобрените средства од буџетот. Со член 4 од Законот за извршување на буџетот за 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единки не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од Буџетот. Според член 37а за извршување на буџетот на буџетскиот корисник е одговорен раководителот на буџетскиот корнисник. Врз основа на ова прекршување, ние ја подготвивме иницијативата и веќе е доставена до ОЈО за понатамошно постапување, изјави Членот на ДКСК Владимир Георгиев.

Чист е како солза, зли сили сакаат да му наштетат

Хисни Исмаили е чист како солза. Повеќе му верувам него отколку мене, вели претседателот на Алтернатива, Африм Гаши за неговиот сопартиец.

Гаши смета дека Исмаили нема ништо нечесно направено додека бил министер за култура.

-Зли сили сакаат да му наштетат. Буџетот не е оштетен додека тој беше министер. Ако се пронајде вина кај него, јас давам оставка, додава Гаши во гостувањето на дневникот на ТВ Сител.

Антикорупциската комисија поднесе иницијатива до Јавното Обвинителство за поднесување кривична пријава против Исмаили за времето кога беше министер. Постои сомневање дека тој ја злоупотребил службената положба и овластувања и го оштетил буџетот на државата во постизборен период, во време кога немало Влада и во услови на ребаланс на буџетот.

Слични содржини